Македонија
6. April 2020 - 19:58

ВМРО-ДПМНЕ најавува ревизија на користењето на новото име на банкнотата од 500 денари

Измените на банкнотите на 10 и 500 денари кои Народната банка ги направи со одлука донесена на 30 март, а објавена во Службен весник на 3 април биле технички, а не суштински измени на парите тврдат од Централната банка.

Според двете одлуки на Банката донесени за време на вонредната состојба, се прават измени во димензиите на банкнотите, а во 500 денарката во описот на илустрацијата афион од Македонија се вметнува и придаваката Северна.

Од Народната банка велат дека работа на Централната банка е токму издавањето банкноти и монети со цел навремено обезбедување оптимално ниво на готови пари во оптек и одржување на монетарната стабилност.

 При остварување на оваа задача, централната банка води сметка и за природниот животен век на парите. Постапката на која посочувате е отпочната на почетокот на 2019 година, врз основа на среднорочните анализи за количини коишто се потребни заради редовна замена на книжните и кованите пари од постојните изданија, коишто се повлекуваат заради губење на карактеристиките за соодветност за оптек, како и заради обезбедување и одржување континуитет на воспоставениот редовен процес на снабдување со готовина, велат од банката за донесените одлуки.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека во вонредната состојба се носат одлуки и уредби кои немаат врска со пандемијата. Промената на парите велат дека не е обврска од Преспанскиот договор која треба да биде спроведена веднаш.

Навистина не можам да разберам наместо да се занимаваме со она коешто ни е најважно и најзначајно, а тоа е справување со пандемијата и борбата за животите на нашите граѓани, ние се занимаваме со споредни работи коишто никој од нас впрочем не ги бара. Па дури и да го читаме оној договор којшто беше потпишан оваа работа не се бара од нас бидејќи тоа може да се направи во следните 5 години, ако се отвори  седумнаесетото поглавје, а тоа е поглавјето за економија и монетарна политика. Така што апсолутно не можам да разберам наместо да се занимаваат и да носат уредби коишто се поврзани со пандемијата и што повеќе животи да бидат спасени и тие луѓе коишто се во првите борбени редови да ги мотивираме, ние носиме уредби коишто апсолутно немаат никакво значење.

Називот на Народната банка, имајќи предвид дека е уставна категорија, беше променет уште со уставните измени.