ВМРО-ДПМНЕ: Манифестот нуди градење консензус за иднината на Македонија
Со тоа што не реагира и молчи на негаторските изјави од политичари на Албанија кои задираат во внатрешните прашања и суверенитетот на земјава, СДСМ директно ги одобрува антидржавните и антинационални политики кои и се наметнуваат на Република Македонија, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција истакна дека јавноста во Македонија секој ден е сведок на, како што рече, негаторски изјави кои задираат во внатрешните прашања и суверенитетот на земјава.
- Албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати препорачува тиранската платформа да била инкорпорирана, вклучена и составен дел во Уставот на Република Македонија, а албанскиот премиер Еди Рама, без попис лицитира со бројки од 35 проценти албанско население во Македонија, рече Ѓорчев кој поради тоа нагласи дека на Македонија и треба обединување околу државните и националните интереси на она што се нарекува заедничка единствена Македонија.
Според него, граѓаните денес, како никогаш досега, бараат лидерство и одлучност од сите политички субјекти, а најмногу од СДСМ и очекуваат политичарите цврсто да застанат зад националните и државните интереси, зад унитарниот и мултиетнички карактер на Република Македонија.
- Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ водена од интересите на граѓаните, нуди градење консензус околу иднината на земјата. Затоа ВМРО-ДПМНЕ излезе со Манифестот за единствена Република Македонија втемелен на четири принципи и повикавме на национално и државно обединување на сите граѓани, верски организации, партии и општествени чинители. Основа на Манифестот е обединување околу државниот и националниот интерес, за зачувување и промоција на националниот, културниот и јазичен идентитет на Македонците и граѓаните од останатите етнички групи и заедници во земјата и надвор, рече Ѓорчев на прес-конференцијата.
Во тој контекст, посочи тој, се предлага признавање дека македонскиот јазик е интегративен елемент на сите граѓани во нашето општество без разлика на нивното потекло.
Праша што има СДСМ против овие елементи на Манифестот и зошто СДСМ прифаќа да дебатира за промена на химната, за промена на грбот или знамето на Република Македонија, а не сака, како што рече, да дебатира за прашањата кои што се опфатени од овој обединувачки Манифест.
Манифестот, рече Ѓорчев, вели дека македонскиот народ не може да биде надгласуван во однос на македонскиот идентитет. Дека ниту една заедница не треба да биде надгласувана за теми коишто го засегаат нејзиното право на само идентификување.
- Што има спорно за СДСМ во ставот: Нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија. Што е тука спорно за СДСМ? Што е спорно? Каде што се вели дека нема да прифатиме идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Што е тука спорно за СДСМ, ако нема задна намера да ги менува сите овие работи. Нема да дозволиме било кое решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани коишто ќе излезат на рефендумот да се согласат со можното решение, рече Ѓорчев.
Манифестот предвидува и воспоставување редовен дијалог помеѓу секоја власт и секоја опозиција за прашања кои се од важност и кои се од национален и државен интерес. Дијалогот да се одвива и решенијата коишто се изнаоѓаат, рече тој, секогаш да се изнаоѓаат во рамки на институциите на Република Македонија, во дијалог помеѓу македонските претставници од страна на претставници кои се директно избрани од граѓаните на Република Македонија.
- Зарем ваков дијалог не е потребен за СДСМ, и зарем ваков дијалог сметаат дека е излишен? Ова е најефикасна заштита од надворешни влијанија или реализација на туѓи агенди кои не потекнуваат од заедничкиот интерес на македонскиот граѓанин кој не гласал за тие платформи ниту им дал легимитет. На тој начин не се остава простор политичари од соседни земји да лицитираат со бројки, а Манифестот се осврнува и на одржувањето на попис, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на пописот, тој нагласи дека не постои причина зошто која било партија во Македонија не би се согласила дека пописот треба да се спроведе без одлагање и со цел квалитетно планирање на политиките, како и за конструктувен дијалог на меѓуетнички теми.
- Пописот којшто треба да се реализира мора да е статистичка, а не политичка операција. Затоа е потребно пописот строго да се води според методологијата на Европска Унија, според методологијата на Еуростат и Обединетите нации, вклучително да има и механизам за контрола на постојано место на живеење и престој во државата, како и гаранција за автентичност на лични податоци и потврда на идентитет на лицата преку дигитализација на отпечатоците, рече Ѓорчев, додавајќи дека тоа се отворените теми од Манифестот коишто може да не обединат.
Со прифаќањето на Манифестот, заклучи Ѓорчев, Република Македонија ќе покаже дека е земја со исправена кичма, дека Република Македонија е заштитник на сите нејзини граѓани.
- Поради овие причини, народот е на нозе и заради овие причини Македонија се буди, рече Владимир Ѓорчев на денешната прес-конференција.
Ново на Сител
-
Во Турција градоначалникот и неговиот возач убиени во престрелка, тројца се повредени
-
Во Кисела Вода со „фолксваген“ се забил во бетонски ѕид
-
И во наредните денови сончево време со студени утра
-
Неексплодирани бомби кашикари пронајдени на планинарска патека во Маврово
-
Четворица планинари загинаа во несреќи на италијанските Алпи
-
Сочувство од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан до Патријархот Српски г.г. Порфириј за настраданите во Нови Сад
-
Почина Оливера Николова - авторката на Зоки Поки
-
Санкционирани 144 непрописно паркирани возила на територијата на Општина Центар