Македонија
20. October 2025 - 16:38

ВМРО-ДПМНЕ: Историска победа на локални избори, СДСМ: Очекувавме повеќе, но не е лошо

Историска победа на локални избори со над 30 градоначланици во прв круг и 20 фаворити, вклучително и за Скопје во вториот криг прогласи владејачката ВМРО-ДПМНЕ по вчерашното гласање. Од партијата велат резултатот е за дури 50 отсто подобар од претходните локални избори во 2021 година.

Добиени се и општини кои традиционално беа на СДСМ, особено бастионот Струмица. Декласирани се и СДСМ и ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ и сметаат дека оставка на Филипче би бил морален чин после ваков дебакл на изборите.

И лидерот Мицкоски уште синоќа со пораки до опозицијата.

Сепак, од партијата без коментар за најниското нивно на излезност досега и со порака резултатите од парламентарните избори да не се споредуваат со овие од локлани.

Но, од опозициската СДСМ го прават токму тоа. Велат дека власта изгубила речиси третина од гласовите од ланските парламентарни избори.

„Падот на ВМРО-ДПМНЕ е фантастични 135.000 или 30,8% од гласовите, а ЗНАМ паѓа од 56.200 на 38.034 гласови, односно е најголем губитник и има изгубено 33% од гласовите.  За разлика од нив СДСМ има изгубено само 18% од гласовите што, ако се земе предвид пониската излезеност речиси да нема загуба. Левица, која вчера триумфалистички излажа дека станувала лидер на опозицијата има изгубено ист процент на гласови како СДСМ, со мало подобрување на резултатот на на ниво на градот Скопје“, коментираат од СДСМ

Иако очекувал повеќе, од резултатот со само тројца градоначалници задоволен и самиот Филипче. Оставка не дава, ќе работи на партиска консолидација.

А, на оставка на лидерот на СДСМ не упатуваат само од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го бара и поранешниот прв човек на Струмица Костадинов, кој не ја доби партиската поддршка за нов мандат.

„Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој еден член на СДСМ да биде понижен. Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема. Час поскоро, секој кој носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди.“, напиша Костадинов на Фејсбук.

Од друга страна Левица во еуфорична победа за тоа што влегува во втор круг со Мециновиќ во Скопје и низа советници низ државата. За Апасиев ова е доказ дека партијата станала втора партија во македонскиот блок.

Додека лидерите прават изборна математика, двајцата кандидати за Скопје не се откажуваат од силна битка во вториот круг и очекуваат поддршка од доскорешните противкандидати иако Ѓорѓиевски влегува како апсолутен фаворит

Вториот круг од локалните избори за градоначалници треба да се одржи 2 ноември.