ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за партиски пазар со законските измени за амнестија на функционери
Нема ништо невообичаено што Законот за амнестија наместо во Собранието, владата го испрати на усогласување во Секретаријатот за законодавство, смета Министерот за правда. Кренар Лога, во разговор за Сител, вели дека редовна пракса е предложените закони да минат низ тој филтер. Но, открива дека се барало дообјаснување во делот каде се предвидува со амнестијата да се опфатат и лица осудени во странство, а казната ја издржуваат во домашните затвори.
„Со Секретаријатот за законодавство остана техничкиот дел, како и од секогаш. И дојаснување на член од Предлог-законот за тие лица кои се осудени со пресуда во трети земји„ вели за Сител, министерот Лога.
Тој не одоговори на прашањето дали одлуката за усогласување и појаснување на законот е одмазда зашто не се потпишал за измените во Кривичниот законик.
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека целта на двата закона е спас од кривичен прогон за функционери на двете најголеми владејачки партии, но немале заеднички јазик за кои кривични дела да важи амнестијата.
„На СДСМ и ДУИ целта им е да се амнестиираат двајца поранешни премиери, а од друга страна менуваат правосудни закони кои би создале лична корист и заштита на актуелните функционери на СДСМ и ДУИ. Споменатите преговарачи на амнестијата нема да застанат тука. Во моментов разговараат за нов закон за амнестија со кој би се спасиле од затвор лица блиски до власта, но имаат несогласувања кои дела да ги опфаќа тој закон за замнетсија во минситерството за правда и владата има различни позиции“, вели Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, обвинија дека Мицкоски сака да ја искори амнестијата за смирување на нездоволството во неговата партија.
„Мицковски да не остави надвор од внатрешните поделби и сам да си ги решава кавгите во ДПМНЕ. Особено што токму Христијан Мицкоски треба да одговори за диловите со Груевски. Дали на овој начин Мицкоски ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него? Политиката на блокада на Мицковски е само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него. За Никола Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава“, изјави Дарко Каевски, СДСМ.
За незадоволство во опозициската партија обвинува и владејачката ДУИ од каде велат дека ВМРО-ДПМНЕ уште пред шест години барала измени во Кривичниот законик.
„Измените во Кривичниот законик првично беа побарани од страна на ВМРО пред уставните измени за Договорот од Преспа. Потоа, Кривичниот законик беше барање и на новиот претседател на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерските и билатералните средби, но по неговото оддалечување од поранешното раководство на ВМРО- ДПМНЕ и покрај согласувањето на СДСМ, тој се повлече од ова барање“, велат од ДУИ.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
