Македонија
3. March 2020 - 19:30

ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува Хасани и Филипче за имот стекнат со корупција - Филипче демантира и бара истрага

Се шири шпанско село на падините на Водно, а на министерот Филипче сосед му бил и Илир Хасани, директор на ургентниот центар во скопските клиники, обвонува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според документите што ги објавува партијата и Хасани купил екслузивни парцели во Нерези. Две ги поседува сам, а во останатите е влезен заеднички со семејството на министерот Филипче и газдата на фирмата Синерџи, која за неколку години инкасирала 7 милиони евра од тендери од министерството за здравство.

Опозицијата веќе неколку дена објавува документи за парцели на Филипче и Синерџи, а сега и за директорот од клиниките кои исто така склучувале тендери со оваа фирма, што пак според ВМРО-ДПМНЕ е чист случај на корупција и испумпување буџетски пари за лично богатење.- вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Хасани за Сител вели дека имотот го стекнал пред 5 години и истиот бил уредно заведен во неговиот анкетен лист во Антикорупциска. И Филипче демантира дека е поврзан со имотите. Ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека шири клевети, а вели дека со Хасани не го поврзува ништо друго осовен професијата.

Срамно е преку вакви конструкции без никакви докази за моја поврзаност во врска со наводните имоти кои ги споменува Стоилковски, да се продолжува моето оцрнување и оцрнувањето на семејството на мојата сопруга. Уште еднаш ги повикувам институциите да ги истражат овие лажни наводи на ВМРО-ДПМНЕ и да докажат дека на ниту еден начин не сум ја злоупотребил функцијата, ниту сум инволвиран во ова за што денеска бев бесправно обвинет, вели министерот во реакцијата.