Македонија
18. јуни 2016 - 15:32

ВМРО-ДПМНЕ бара Заев веднаш да поднесе оставка од функцијата градоначалник

ВМРО-ДПМНЕ бара Зоран Заев веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на општина Струмица. Само во тој случај градоначаникот Заев ќе има образ да бара било што од градоначалникот Владимир Талески, истакна пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Зоран Илиоски денеска на прес-конференција во Битола.

Според Илиоски, со оставка на Заев граѓаните можеби и ќе им поверуваат на СДСМ дека се залагаат за правна држава во која се почитуваат законите и демократските принципи.

- Зоран Заев лицемерно ги обвинува другите за криминал, а самиот без око да му трепне го игнорира фактот дека е единствен градоначалник кој бил во притвор во Истражниот затвор во Скопје обвинет за криминал тежок 8 милиони евра. Чесните социјалдемократи самите го бараат одговорот зошто СДСМ бесрамно дозволува да биде заложник на единствениот аболициран криминалец во Република Македонија Зоран Заев, кој е свесен за својата вина и ја злоупотребува партијата и целата држава, само и само да се спаси од кривична одговорност за сопствениот криминал за кој постојат несоборливи факти, аргументи и докази, истакна Илиоски.

Илиоски додаде дека Владимир Талески е еден од најуспешните градоначалници во Република Македонија и затоа, како што рече, според сценариото на СДСМ тој треба јавно да биде дискредитиран во политички инструирана постапка на СЈО.

- Тоа го знаат и битолчани кои од 2005 година наваму во три изборни циклуси безрезервно му даваат поддршка на Талески. Таа поддршка се стекнува со програми и проекти за кои се гласа исклучиво на избори и не може да се наруши со неколку злонамерни коментари на социјалните мрежи, а уште помалку со протести на два-триесет луѓе кои блокираат улици. Дури и на Зоран Заев му е јасно дека обидот за политички прогон на Владимир Талески е без основа, не е поткрепен со ниту еден издржан аргумент и нема никаква законска и правна оправданост. На Зоран Заев исто така му е повеќе од јасно дека колку и да бега, еден ден ќе мора да се соочи со судот на народот, да биде жестоко поразен на избори и кривично да одоговара за секој криминал со кој го оштетил сопствениот народ и сопствената држава, рече Илиоски.