Македонија
12. October 2020 - 16:39

ВМРО-ДПМНЕ бара истрага, Заев бара транспарентност за еразмус + грантовите

Лидија Димова веднаш да си поднесе оставка, а обвинителството да не молчи туку да го испита скандалот со злоупотреба на пари во Нациналната агенција за европски образовни програми и мобилност, побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Скандалот во агенцијата на Димова изби кога медиумите објавија дека фризерница сместена во мало дуќанче во скопско Ново Лисиче добила грантови во вредност од 270.000 евра. 

Дополнително, во медиумите излегоа документи според кои, Димова откако станала директор во оваа агенција, само во една година потрошила дури 90.000 евра за набавка на две луксузни возила од брендот Волксваген. 

Дополнително, познат скопски адвокат на социјалните мрежи објави дека брат на актуелен пратеник на СДСМ од агенцијата на Димова како директор на училиште добил 83.000 за проект со тренинг на магариња.

Серијата сомнителни распределби на големи суми на пари го натера премиерот Заев да побара одговори директно од Димова. Тој во изјава за А1он ја повика директорката веднаш да излезе со одговори пред граѓаните. 

„ Јас нема да дозволам никаков сомнеж ниту евентуални злоупотреби. Затоа ја повикувам директорката на Агенцијата, Лидија Димова, веднаш да излезе и на прес-конференција да ги презентира целосно транспарентно сите детали во врска со начинот на распределба на средства од европските фондови наменети за образование и млади. Димова целосно и прецизно треба да ги адресира прашањата, на кои реагира јавноста и за кои се јавува сомнежот“ – изјавил премиерот Заев.

Со став на социјалните мрежи се јави и Димова. Вели дека во дуќанот во скопско Ново Лисиче случајно во моментов се обавува фризерска дејност иако, луѓето кои живеат таму тврдат дека во истиот локал, маалската берберница работи повеќе од 20 години. 

Сепак, Димова најави тужби до медимуте кои пишуваат за овој случај.

„Со ваквите непроверени и манипулативни информации, не само што е нанесена штета на погоренаведените ентитети/нивоа, туку се креира и погрешна слика кај меѓународните институции, донатори на овие грантови, а со самото тоа и на државата. За жал немаме друг избор освен тоа да ги докажеме невистините и клеветите пред надлежен суд.“ – напиша Димова на социјалните мрежи во реакција на која е потпишан и директорот на фризерницата Зоран Златковски за кој Димова тврди дека прв пат го запознала откако станала директорка.