Македонија
28. November 2023 - 21:18

Влегува ли политиката во ДКСК?

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција смета дека за новиот состав на Комисијата, која со работа треба да започне од 8 февруари, се пријавиле многу политички експонирани личности. Очекува Комисата за селекција да не потклекне на политичките влијанија и да носи самостојни одлуки при изборот на новите членови.

- Ми пречи тоа што имаше многу политички експонирани личности кои се пријавуваат да бидат членови на едно сосема независно тело. Ние кога се пријавивме и кога не избраа бевме сосема растеретени од политика и се надевам дека Комисијата за селекција нема да трпи политички влијанија за да избира такви ликови- изјави Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.

Тендерите во „Државна лотарија“, „Бехтел и Енка”, преуредување на салата „Борис Трајковски” за потребите на ОБСЕ, се постапки кои актуелниот состав на комисијата ги отпочна и за кои Ивановска се надева дека до јануари идната година ќе бидат завршени, со што ќе го заокружат својот мандат.

- Многу е рано да кажам до каде сме, бидејќи туку што го отворивме предметот и допрва ќе ја бараме потребната документација  од Државната лотарија. Меѓутоа, имајќи ја во предвид работата по претходни предмети поврзани со тендери, јас очекувам дека ќе најдеме значителни информации коишто би требало да послужат понатаму на Јавното обвинитителство да постапува, изјави Ивановска.

Според Ивановска, не донесувањето на Законите за административни службеници, за вработените во јавниот сектор и високораководните структури се должи на фактот што партиите не можат да се договорат. Во изминатиот пет годишен период, Комисијата има отворено низа прашања, кои најчесто остануваат без разрешница.