Македонија
20. November 2016 - 11:06

„Влажност“ прогласен за најдобар филм на 15. „Синедејс“

„Влажност“ во режија на Никола Љуца е најдобар филм во Официјалната селекција на 15. Фестивал на европскиот филм „Синедејс“ во која годинава се натпреваруваа осум филмови. Копродукција е меѓу Србија, Холандија и Грција.

Одлуката ја донесе жири во состав: Чедомир Колар (претседател) и Зринко Огреста и Игор Иванов (членови) и беше соопштена синоќа во кино „Милениум“ на затворањето на фестивалот.

Според жирито, со оригинален филмски јазик овој филм успева да ја разобличи современата брачна заедница, прикажувајќи ги апсурдот и хипокризијата со кои се соочени денешните генерации во обидите да ги одржат традиционалните норми и вредности.

Награда за најдобро сценарио меѓу филмовите од Официјалната селекција доби германскиот филм „Тони Ердман“ по сценарио и во режија на Марен Аде. За надобра режија од Официјалната селекција беше награден унгарскиот режисер Атила Тил за филмот „Убијци на тркала“.

Во селекцијата „Синебалкан“, во која се натпреваруваа шест филмови, за најдобар на годинашниот фестивал беше прогласен „Не зјапај ми во чинијата“ - хрватско-данска копродукција во режија на Хана Јушиќ. Одлуката за наградата во оваа селекција ја донесе жирито: Если Ердем (претседател) и Нина Раковец и Дамир Чучиќ (членови).

Беше доделена и награда за најдобар филм во Студентската програма - „Страшилото крст“ во режија на Сандра Јовановска, а трета година по ред „Синедејс“ додели и три награди за најдобра рецензија. На конкурсот пристигнале 40-ина филмски критики од кои жирито одлучи првата награда да и ја додели на Фросина Крушкаровска, втората на Владимир Лазороски и третата на Вероника Камчевска.

Петнаесеттиот „Синедејс“ вчеравечер заврши со прикажување на најновиот филм на Рајко Грлиќ - „Устав на Република Хрватска“. Небојша Глоговац и Дејан Аќимовиќ, кои се во главните улоги во филмот, присуствуваа и по проекцијата се поклонија пред скопската публика. Овој филм беше во фестивалската програма „МК во ЕУ“ зашто во продукцијата учествуваше и Македонија.  

Покрај натпреварувачките селекции (Официјалната и Синебалкан), годинашниот „Синедејс“ од 10-ти до 19 ноември понуди и филмски остварувања во други програми, како музички документарци, 25 наслови во гала-програмата, кратки и студентски филмови и богата придружна програма.