Македонија
13. April 2023 - 16:37

Власта не се откажува од уставни измени, Пендаровски вели дека разликите се големи

Тимот на експерти кои треба да работат на уставните амандмани ќе биде комплетиран наскоро, а потоа текстот ќе влезе и во собраниска процедура – премиерот Димитар Ковачевски уверува дека и покрај противењето на опозицијата , ќе се обезбедело мнозинство за менување на Уставот.

Нема консензус меѓу политичките чинители за отворање на Уставот тврди и шефот на државата Пендаровски. Големи биле разликите околу ставовите за правење измени на Уставот.

Иако опозицијата јасно кажа дека нема да дозволи менување на Уставот во вакви услови, потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев пак тврди дека дел од пратениците на ВМРО –ДПМНЕ и еден скопски градоначалник испраќале позитивни сигнали дека ќе дадат поддршка за уставните измени, но вели со имиња нема да лицитира.

За опозицијата прашањето за работните групи и отворањето на Уставот е затворена тема. Опозицискиот лидер Мицкоски веќе порача дека уставни измени нема да се случат во овој парламентарен состав.

Министерството за правда иако најави дека имињата ќе бидат познати до крај на неделата не објавува кои ќе дели совети како да се смени Уставот за да бидат вметнати Бугарите во преамбулата. Се чекале експертите да се вратат од странство. Но не само Бугарите, сега и македонските муслимани, бараат да станат дел од Уставот. Премиерот потврди дека не е само едно туку повеќе барања за вметнување на заедниците, но тоа било работа на комисијата.