Македонија
12. July 2018 - 16:07

Власта ќе слави во 15 градови, опозицијата ќе протестира

Власта в сабота ќе слави за поканата од НАТО, а опозицијата в недела повторно ќе протестира против владата.

Премиерот Заев од Брисел практично ја најави кампањата за референдумот за промена на името, преку организирана прослава низ цела Македонија по повод поканата за почеток на пристапните преговори за членство во НАТО.

,,Да продолжиме да чекориме до следната голема одлука кога повторно ќе кажеме Да, за нашата иднина. Да, за македонската иднина. Почитувани граѓани, Ве повикувам во сабота на 14 јули, да прославиме заедно низ градовите во Македонија. Владата подготвува прослави во 15 градови, каде со домашна музика ќе си честитаме, затоа што ОДИМЕ НАПРЕД и затоа што Македонија влегува во НАТО и чекори кон Европската унија“, објави Заев од Брисел.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, пак најави уште еден антивладин протест в недела во Кавадарци, обвинувајќи ја власта дека се е поинаку од удобните кабинети, наспроти суровата реалност, која не може да се скрие, и за која нема одговорност.

,,Нема затоа што немаат образ, ниту чест и достоинство. За власта зборот, не е збор, ниту делата реалност. Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО. А нема затоа што имаме неспособна влада. Мора да престанат поразите, а одговорот за тоа е секој еден од вас.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори со сите свои сили против ова зло кое што го живее секој еден граѓанин.

Затоа и ќе продолжиме да протестираме и ве повикувам оваа недела во 13 часот во Кавадарци на протестен марш кој ќе започне од кружниот тек Сашко Гешковски до спомен плочата и паметникот во Кавадарци посветен на формирањето на првиот комитет на ВМРО, после Солунскиот‘‘, изјави Мицковски.