Бизнис
10. јуни 2018 - 16:10

Власта и опозицијата со спротивставени прогнози за растот на економијата

Ги решаваме проблемите со автопатите и го враќаме градежништвото на двоцифрена стапка на раст, ветува министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Статистиката покажа раст од само 0,1%, за што најголема вина има слабата реализација во секторот нискоградба, каде падот изнесува 37%.

Со информација за тековната состојба во економијата излезе и министерот за финансии, Драган Тевдовски. Вели дека јавните финансии во земјава се на задоволително ниво, а истото мислење го делеле и меѓународните институции и Европската комисија. Македонија била најдобра меѓу земјите аспиранти за членство во спроведување на Програмата за економски реформи.

Министерот најави финансиска поддршка за покачување на минималната плата. Државата, вели, ќе го поттикнува растот на платите на работниците кои имаат просечна нето плата под 18.000 денари.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека економијата доживува колапс. Додека другите земји во регионот и Европа бележат значителен раст, Македонија е убедливо на дното, велат.

Загрижува и разочарува растот на БДП од 0,1%, кога во исто време стапката на инфлација изнесува 1,5%. Тоа значи дека граѓаните се сè посиромашни, реагираат од најголемата опозициска партија.