Македонија
16. February 2023 - 16:33

Власта и опозицијата со различни очи гледаат на одлуката од Стразбур

Според власта правдата победи, според опозицијата правдата еден ден ќе излезе на виделина.

Пендаровски прв ја поздрави одлуката на Стразбур за укинатата аболиција на неговиот претходник.

Заедно со советничкиот тим се согласни дека сите обвинети и осудени лица правдата треба да ја бараат пред домашните институции.

Премиерот Ковачевски пак вели, ова е огромна победа за правдата и успех за државата.

 Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Би сакал да изразам огромна благодарност за нивната посветена работа во текот на изминатиот период. Со одлуката на Судот во Стразбур која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.  Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур. Особено е важно да се исткане дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права. Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем, вели премиерот Ковачевски

Наместо да се радува, Владата треба да се загрижи, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија.

Владата наместо да слави за дефокус треба оваа одлука да ја загрижи, бидејќи суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина. Исто како што во јавноста излегува на виделина високата инфлација, криминалните тендери, корупцијата, предавствата, неспособноста како што е последниот случај со повлекувањето на евро обврзницата, со што СДС и ДУИ ја посрамотија државата и го нарушија нејзиниот углед, се вели во писменото соопштение на опозицијата.

Решението на Стразбур го поздрави и Алијанса, партијата која вели дека борбата со корупцијата е клучен мотив за влез во владината коалиција, а ова решение на судот за човекови права е надеж дека правдата ќе победи.