Бизнис
14. March 2021 - 16:42

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за состојбата

Прочка не беше причина власта и опозицијата да мируваат денеска. Корона вирусот и вакцините и натаму се повод за меѓусебни обвинувања.

ВМРО-ДПМНЕ објави документи од Централниот Регистар од Хонг Конг од кои се гледа дека фирмата „Стабри Интернешнал“ која требаше да посредува за набавка на кинеските вакцини е формирана само три месеци по формирањето на Владата на Заев во 2017. Таа има тројца вработени, формирана со 1000 евра основен капитал и нема други средства. Според прикажаните документи на фирмата и биле префрлени 12,5 милиони долари за 200.000 вакцини. Ова според опозицијата е за 100% повисока цена од таа по која вакцините на „Синофарм“ се продаваат во светот.

„Имено додека цел свет купува кинески вакцини за максимум 30 долари Заев и Филипче платиле 62.5 евра. Или што би се рекло на струмички 30 за Синофарм, 30 за Вицето. Очекуваме ЈО да ги земе во предвид сите документи и информации објавени во медиумите, како и овие денес, и да ја отвори истрага веднаш. Љупчо Николовски наместо да мачка путер, заедно со Заев и Филипче да си дадат оставки веднаш“, вели Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ.

Власта пак и денеска обвини дека опозицијата се однесува деструктивно и незрело и прави се да наштети на здравствениот систем. Тврдат дека партија предводена од Мицкоски шири лажни документи со лажни цени со цел да го поткопа процесот за набавка на вакцини против коронавирусот. 

„Први велеа дека короната не постои, дека е алиби на СДСМ за одлагање на изборите. Потоа Мицкоски лажеше дека немало доволно тестови, дека немало заштитна опрема за здравствените работници.  ВМРО-ДПМНЕ прво се противеше на воведувањето вонредна состојба, а потоа бараше нејзино продолжување во недоглед.  Во меѓувреме, Мицкоски беше прв што кршеше мерки, одеше по фитнес центри и делови на ресторани кои не смееја да работат.  Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Вело Марковски, велеше дека вирусот не постои дека маските не се потребни и ги поттикнуваше граѓаните да ги кршат мерките“, вели Даниела Маркоска од СДСМ.

Власта смета дека преку блокирањето на изградбата на Килинички центар ВМРО-ДПМНЕ покажува дека работи на штета на јавното здрваје.