Власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебни обвинувања за договорот со Бехтел и Енка за Коридорите 8 и 10д
Не стивнуваат препукувањата меѓу власта и опозицијата поврзани со Договорот со Бехтел и Енка за изградба на Коридорите 8 и 10 Д.
Од СДСМ и понатаму тврдат дека се работи за најголемата инфраструктурна инвестиција во државата, кој опозциската ВМРО-ДПМНЕ намерно го саботира.
„Како и многу пати досега, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски е против реализација на стратешки проекти во државата, но сега отидоа чекор понатаму и обвинуваат светски реномираната американска компанија како Бехтел дека краде пари и прави криминал“, коментираат од СДСМ.
Остануваат на тоа дека 60 часовната работна недела ќе овозможи побрза реализација на проектот, а ќе биде и на доброволна основа и дополнително платена на работниците. Но нема коментар од социјадемократите за тоа зошто не се објавува Договорот и другите контроверзни законски измени што треба да се направат за да се реализира проектот.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека не ја напаѓаат компанијата туку криминалот што ќе го прави Владата со овој проект.
„Криминалот е во тоа што крими тандемот Ковачевски и Груби прифатиле да ги зголемат работните часови, а во спротивно ќе исплаќаат од државниот буџет милиони евра на приватна компанија. Воедно го изедначиле безаконието и важењето на законите преку тоа што во процесот на експропријација се изедначуваат дивоградбата и легалните објекти кои ќе бидат обештетувани по иста цена“, велат од партијата на Мицкоски.
Од Демократски сојуз велат дека криењето на Договорот ги потврдува сомнежот за корупција. Доколку не се одложат законските измени тие ќе предложат измени на првичниот Закон за изградба на коридорите 8 и 10 Д за негова одложена примена.
„Инаку, досега проценетата вредност на овој проект е една милијарда и шестотини милиони евра (1,6 милијарди евра), но според проценките на експертите и поради лабавите клаузули во Договорот, можно е сумата да достигне и до 2 милијарди евра“, велат од партијата на Павле Трајанов.
Иако пратениците уште во понеделникот ја утврдија потребата од носење на 8 законски решенија поврзани со Договорот со Бехтел и Енка, само за два закона беше отворена комисика расправа: за работни односи и за минерални суровини.
Амандманската расправа за овие закони, од кои едниот е блокиран со над 1000 амандмани од Левица, продолжува по Велигден.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
