Македонија
12. January 2023 - 16:37

Власта и опозицијата и натаму на спротивставени страни за уставните измени

Оваа Влада не може да биде срушена со ново парламентарно мнозинство. Министерот за внатрешни работи уверен дека опозицијата нема капацитет да предизвика предвремени избори. Најавите на Мицкоски дека кон крајот на месецот ќе го постави прашањето за доверба на Владата во Собранието, шефот на полицијата го нарече романтизам.

И Претседателот смета дека не е време за избори. Според него, фокусот треба да се стави на промена на Уставот иако е свесен дека тоа нема да биде лесно.

Пендаровски наместо да биде декор на политичката сцена, да преземе одговорност за сите предавства и да си замине од политиката, побара опозицијата.

Опозицијата веќе објави дека е во разговори со повеќе пратеници од мнозинството и дека очекува на средината од мај граѓаните да имаат нова можност за гласање.

Некои пратеници од малите партии во власта веќе изразија подготвеност да гласаат за предвремени избори и тоа во ситуација кога во ДУИ се повеќе се заоструваат внатрепартиските несогласувања. По неуспешниот обид на Ахмети да ги смири страстите, во моментов во ДУИ се води теренска внатрепартиска војна. Во сабота огнените закажаа средба со партискиот огранок во Битола, а во исто време министри од Владата ќе имаат средби со партиските штабови во Чегране и Гостивар.