Македонија
1. July 2022 - 16:40

Владините партнери запознати со модифицираниот предлог - Ковачевски ќе бара поддршка од Собранието

Нема дефинитивно ДА од коалициските партнери за францускиот предлог. Средбата во Владата поминала во детално запознавање со новиот документ, по што лидерите во коалицијата ќе прават понатамошни анализи.

Како што посочи премиерот по состанокот, се водела државничка дискусија, а одговорот дали новиот изменет предлог текст е прифатлив за коалиционите партнери, владата ќе го добие во наредниот период.

Од Демократски сојуз, една од партиите во коалицијата која се закани со напуштање по објавувањето на првиот предлог, велат дека на состанокот биле брифирани за новиот текст. Сепак, англиската верзија на документот не им дозволила детален увид и крајната анализа ќе ја прават во партијата.

На состанокот во Владата ги пренеле своите забелешки. Побарале целосен дијалог со опозицијата за ова прашање, но и референдум како крајна форма на одлука.

Поддршка за предлогот посочија и од ДУИ, велејќи дека земјата има историскa можност за европска иднина и за затворање на сите прашања со соседите.

Посочувајќи, пак, дека позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас, Ковачевски својот официјалне став по предлогот го најави по консултациите со претседателот на државата, дебатата во Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупна јавност во земјата.