Бизнис
14. August 2015 - 16:21

Владините мерки можат да создадат успешен бизнис

Широк сет на мерки имаат на располагање компаниите заинтересирани за нови инвестиции  и ширење на бизнисот.

Субвенции за вработувања, кредити со поволни камати, производство на енергија од обновливи извори, се меѓу мерките за поттик на стопанството што ги нуди владата.

Еден од примерите за успешно користење на овие поволности е компанијата Везе Шари од тетовско Требош. Компанијата добила владина помош за увоз на репроматеријали, за пренамена на земјиште, за вработување, како и фидинг тарифа за производство на електрична енергија од биогас.

При посетата на Везе Шари, премиерот Груевски и вицепремиерот Пешевски потенцираа дека се во постојана комуникација со компаниите кои го носат развој на економијата и за кои се креираат мерките.

– Постојано сме во комуникација со компаниите, прашуваме што им е неопходно да измениме во законската регулатива со цел да им се помогне, бидејќи на крајот сите економски мерки и политики се сведуваат како се реализираат на терен од една компанија. Се она што се прави за подобрување на бизнис климата дава резултати кај компаниите што имаат визија, разбирање на пазарот и потенцијал за извоз, а „Везе Шари“ е токму таква компанија, изјави вицепремиерот Пешевски.

Компанијата која има 51% германски капитал работи од 2000-та. Почнала со фарма за пилиња, а потоа го проширила бизнисот во производство на јајца, а подоцна и на сувомеснати производи. Успеала да го надмине бројот на вработени со помош на субвенциите за вработувања.

– Планирав до крајот на 2015 година да стигнам до 100 вработени во комплексот Везе Шари, но со поволностите што ги нуди Владата за вработување бројот на вработени во компанијата на крајот на 2014 година изнесуваше 108, прецизира Абдурахмани.

Пред две години Везе Шари ја изградила и првата електроцентрала на биогас во Македонија за која владата и овозможила фидинг тарифа. Тоа значи дека компанијата прави струја од отпадот. Истиот потоа повторно го преработува и го извезува како хумус за цвеќе во Германија.