Свет
24. November 2016 - 8:47

Владимир Путин со пофалби за Франсоа Фијон

Рускиот претседател Владимир Путин изразил пофални зборови за поранешниот француски премиер Франсоа Фијон, кој победи уверливо во првиот круг од гласањето за тоа кој ќе биде кандидат на Републиканската партија за претседателските избори на Франција, јавува телевиската станица Франс24, на англиски јазик.

Во изјава дадена во Москва, Путин рекол дека Фијон е добар политичар, дека со него се познава од порано и дека како претседател, тој би можел да придонесе за создавање добри руско-француски односи.

„Соработував со Фијон додека тој и јас бевме премиери, во своите земји. Фијон е извонредна личност, рече рускиот претседател.

Пофалбите од Москва доаѓаат пред вториот круг гласање, каде Фијон директно ќе се судри со својот противкандидат Ален Жипе.

Според Франс24, последните испитувања на јавното мислење, а посебно расположението кај десноцентристичките гласачи, покажува дека Франсоа Фијон има уверлива предност.

Во првиот круг тој далеку ги остави зад себи, своите најсилни противници, Жипе, кој беше втор и поранешниот претседател Никола Саркози, кој како третопласиран, отпадна од изборната трака.

Претседателските избори во Франција ќе се одржат во март 2017 година.

Сегашните прогнози навестуваат дека победник на тие избори и нов претседател ќе биде кандидат на десно- центристичката француска Републиканска партија.