Владиката Наум за БГНЕС: Најприродно е БПЦ да биде наша „мајка-Црква“
Голема лага е дека Вселенскиот Патријарх веднаш ќе го прекине евхаристичкото сослужување со БПЦ, доколку БПЦ влезе во евхаристичко сослужување со Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), пишува струмичкиот митрополит Наум во анализата објавена во бугарската агенција БГНЕС.
Митрополитот Наум во својата куса анализа ја објаснува врската меѓу БПЦ и МПЦ-ОА, на само еден ден пред БПЦ да го разгледува писмото од МПЦ и барањето таа да стане нејзина мајка-Црква.
- Барањето на МПЦ да ја прифати БПЦ како „мајка Црква“, како услов за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, е барање кое со години наназад го слушаме од некои бугарски архиереи. Ова барање МПЦ го смета за нормално, логично и потребно, затоа што некоја Црква и така мора да се јави како „мајка Црква“, која ќе не извлече од изолацијата што ни е наметната од СПЦ и која, потоа ќе не заштитува, застапува и претставува пред Вселенскиот Патријарх и останатите православни цркви; а најприродно тоа може да биде само БПЦ. „Мајка Црква“ не е толку заедничко за минатото, колку што е заедничка за иднината во Богочовекот Христос. „Мајка Црква“ е љубов, истакнува владиката Наум.
Во анализата тој објаснува дека од моментот кога БПЦ ја признава автокефалноста на МПЦ-ОА, двете Цркви стануваат „сестрински Цркви“, што значи дека ќе бидат рамноправни, но улогата на БПЦ како „мајка Црква“ тука не престанува во однос на другите православни цркви – БПЦ и натаму ја има честа, пред Бог, да не заштитува, застапува и претставува пред Вселенскиот Патријарх и останатите православни цркви се додека МПЦ не го добие „томосот за автокефалност“ од Вселенскиот Патријарх.
- Некои луѓе од Бугарија велат: „Што ќе ни се две цркви кога и од двете страни на границата живее ист народ?“ И да е така, само ќе ги потсетиме дека грчкиот народ, иако е еден, има пет цркви: Александриската, Ерусалимската, Кипарската, Грчката и Вселенската патријаршија, појаснува владиката Наум.
МПЦ-ОА, како што стои во анализата е канонски независна, слободна и црква која не е под ничија канонска јурисдикција, а својата самостојност МПЦ-ОА ја добива со Одлуката на СПЦ од 1959 година.
Според него воспоставување на евхаристичката заедница меѓу БПЦ и МПЦ-ОА е природна последица дури и на „Договорот за пријателство и соработка меѓу Бугарија и Македонија“ и е во согласност со евроатлантските интеграциски процеси кон кои се стреми Македонија со помош на Бугарија.
Митрополитот Наум смета дека се голема лага тврдењата дека Вселенскиот Патријарх веднаш ќе го прекине евхаристичкото сослужување со БПЦ, доколку БПЦ влезе во евхаристичко сослужување со МПЦ-ОА. Вселенскиот Патријарх, како што пишува, е свет човек и добро се грижи за единството на Црквата и нејзините отворени рани. Според владиката Наум, Вселенскиот патријарх попрво би се ангажирал околу смирување на евентуалните црковни недоразбирања отколку да заземе страна.
- Во светот на глобализацијата, повеќе е веројатно дека ќе не молат да влеземе во единство со православните цркви, или дури и ќе не натераат сосила, отколку и понатаму да бидеме изолирани. Во случај на брзо решавање на спорот што Грција го има со нашето име сигурно ќе се реши и статусот на МПЦ, а БПЦ дури тогаш ќе сфати што, пред Бог, пропуштила, пишува владиката струмички Наум во анализата за БГНЕС.
Ново на Сител
-
Лице барано по судска наредба со соучесник физички нападнале полициски службеници - следува пријава
-
Путин изразил сочувство и му се извинил на Алиев за падот на азербејџанскиот авион кај Актау
-
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски на предновогодишно дружење со македонските мировници и нивните семејства
-
Во Скопје втор протестен марш против аерозагадувањето
-
Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45 проценти предвидени за капитални проекти
-
Потврдени случаи на африканска свинска чума во Албанија
-
Во Велика Британија одложени десетици летови поради густата магла
-
Приведен 72 годишен демиркапиец за вознемирување малолетничка