Бизнис
2. July 2016 - 19:06

Владата тврди дека нема санкции, ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Заев

Не се работи за санкции, туку за намалување на програмирани средства, се наведува во реакцијата од владината прес-служба по одлуката на Европската Комисија за намалување на средства од ИПА фондовите за Македонија.

Со мотивите и целите на одлуката, истакнуваат, најдобро е запознат органот кој ја донел таа одлука.

Има, како што наведуваат, два аспекта: внатрешен и надворешен.

- Внатрешниот е поврзан со фактот дека повеќе од една година лебдеше спроведувањето на избори. Во тој период институциите беа политички хендикепирани преку блокирачки механизми во неколку клучни министерства, вклучително и Министерството за финансии. Најголемата опозициска партија своето учество во владата не го искористи за зголемување на довербата во избирачкиот процес, како што е предвидено со договорот. Сосема спротивно, фокусот го стави на блокирање на институциите и правење што поголема штета за државата, се вели во реакцијата.

Надворешниот аспект, додаваат, пак е поврзан со искуствата на ЕК во претходните процеси на проширување, каде масовно се финансираа инфраструктурни и други проекти преку пристапни или подоцна структури фондови во нововлезени земји. Ефикасноста во тие трошења вклучи многу аларми. Како последица, со новите инструменти за пристапна помош предвидени се повеќе рестрикции, кои ги ограничуваат обемот и областите на прилив на европски фондови, согласно тековните планирања, трошења и приоритети. Согласно поуките од минати грешки во проширувањето со други земји, денес приливот на средства е многу порестриктивен, соопштуваат од владината прес-служба.

Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.

Политичката криза во која Зоран Заев ја втурна Република Македонија, придонесува за одлуки кои се на штета на граганите. Тоа е целта на тие кои посакуваат проблеми во Македонија, а бегаат од демократско соочување со народот на избори, велат од партијата.

СДСМ го смета како сопствен успех секое евентуално намалување на европските фондови, поради кризата која ја креира. Исто како што се радува доколку не се случи инвестиција во Македонија.

Од владеачката партија велат дека ќе опстојат на реализација на проектите од програмата и ќе работат на отстранување на сите пречки за поголема апсорпција на средства од ЕУ. Граѓаните најдобро знаат кој се бори да донесе инвестиција или проект повеќе во Македонија, а кој го мери својот успех преку зголемување на проблемите на државата. Затоа СДСМ бега од избори бидејки граќаните немаат дилеми кому ке ја дадат довербата, стои во реакцијата.