Македонија
9. March 2018 - 16:37

Владата одлучи - Новиот Клинички на нова локација во Бардовци

Новиот Клинички центар ќе биде во населбата Бардовци. По неколкумесечно размислување, ова е конечната одлука на Владата и министерството за здравство. Ќе потрошат околу 420 000 000 евра а треба да биде изграден најрано за  7 години. Со тоа паѓа во вода договорот што го потпиша претходната владина гарнитура, објетот да биде на постојната локација на скоспките клиники.  Министерот Филипче кажа дека ги послушале архитектите, лекарите и граѓаните локацијата да биде надвор од градскиот метеж, но се уште не се знае точното место на градба.

„Разгледувавме повеќе локации, таа што најмногу ја разгледуваме е во населбата Бардовци, близу Психијатриската болница.Се планира да се направат пристапни патишта. Ќе има пат кој ќе тргнува од населбата Карпош и ќе оди директно до Клиничкиот центар и се планира нова улица, тоа е продолжение на улицата Железничка, која ќе продолжи кон правец на Ѓорче Петров и ќе поминува точно каде планираме да се смести овој објект, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Надлежните очекуваат за година ипол да ги решат имотно правните односи и да ги удрат темелите на новиот Клинички центар. Во меѓувреме, Филипче без одговор од каде ќе најдат пари за негова изградба. Се надеваат дека има простор за разговор со Банката при Советот на Европа да не плаќаат пенали од 5,5 милиони евра за претходниот договор. Пропаднаа и 1,3 милиони евра за изготвување на проектот за нов Клинички на Мајка Тереза.

- Има простор за разговор доколку може да ги пренамениме парите за новиот објект на друга локација. Има простор за договор и со фирмите кои беа избрани на претходниот тендер, вели Венко Филипче.

И додека да биде изграден новиот клинички кампус, Филипче моменталниот хаос на клиниките ќе го решава со монтажна катна гаража која би била направена на местото на старата Гинекологија. Најави и посебна лента за влез на возилата за Брза Помош. Наскоро, според министерот за здравство треба да биде решено и спојувањето на скопските клиники кои ќе функционираат со еден директор како пред 2007 година.