Македонија
5. May 2023 - 16:33

Владата нема точна сума колку ќе чини изградбата на Коридорите, пратениците ќе добијат ревидиран договор и нови закони

Договорот со Бехтел и Енка е склучен без крајна цена колку ќе чини изградбата на Коридорите 8 и 10Д, признаа денеска од Владата. Вредноста на проектот владините претставници досега ја ваделе од студија со проценка дека делниците би требало да чинат од 1,3 до 1,5 милјарди евра зависно од тоа дали ќе има законски измени.

За да чини поевтино, Владата ја забрзува реализацијата за изградба на Коридорите 8 и 10Д. Така, сите пратеници ќе добијат ревидирана верзија на Договорот со Бехтел и Енка, без делови за кои компаниите сметале дека не треба да бидат објавени. Дополнително, тие ќе добијат уште 5 нови закони по скратена постапка со европско знаменце за да се одблокира процесот со законите за проектот, а кои беа поднесени од пратеници.

Со најновите измени, држaвата се откажува од околу 260 милиони евра по основ на давачки во корист на двете компании.

При експропријацијата, само дивоградбите за кои има поднесено барање за легализација до 2018 година ќе бидат надоместени на сопствениците. Газдите на новите дивоградби во кои се живее од државата ќе добиваат надомест за кирија за сместување за една година.

Работната недела останува 40 часа, но Владата го укинува ограничувањето за прекувремена работа од 8 часа неделно за да се задволат барањата на копманиите.

Повторно се предвидува компаниите да можат да почнат со градба и без целосниот градежен проект, односно т.н. етапно градење преку урбнистички проект за кој државата ќе обезбедува дозволи во скратени и брзи рокови, но кој на крај ќе мора да биде одборен од Владата.

Од Делегацијата на ЕУ, пак, стигна брз реакција македонските власти да ја преиспитаат одлуката бидејки не е врзана со реформите што ги бара Брисел.

„Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања“, се вели во нивната реакција.

Оттаму реагираа и на скратената постапка на законите бидејќи таа не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом.

Доколку од Влада сепак инсистираат на скратена постпака со европско знаменце, тоа значи брза и огрнаичена дебата од два дена во собраниската Комисија за европски прашања и уште неколку дена на пленарна сесија. Сите законски измени нема да се однесуваат само за овој прокет, туку за изградба на сите наредни стратешки објекти.