Македонија
10. April 2019 - 16:22

Владата нема механизам да го пресмета одливот на мозоци

Владата нема механизам да го пресмета одливот на мозоци од земјава. Оттаму велат дека се свесни за проблемот и работат на враќање на младите во земјава. Стопанството подолг период предупредува дека поради ова не можат да најдат квалификувани работници. 

Владата немала начин како да пресмета колку млади ја напуштиле земјава во последната година. Оттаму посочуваат дека за одливот на мозоци виновни се претходните влади поради тоа што немале демографска свест.

-Депопулацијата е нашето што се случува наназад 17 години. Ние се соочуваме со стареење на населението. Демографскиот развој не може да се постигне во период од две години. За жал немаме бројка колку млади се иселуваат. Но, сè што правиме, сите политики кои што ги креираме се со интенција младите да ги вратиме, велат од Владата.

Вчера, министерката без ресор, Апостолска се пофали дека иселувањето на младите од земјава се намалува. Уверува дека дел од нив веќе почнале да се враќаат.

– Од состаноците и средбите што ги имам со инвеститорите веќе имам позитивни информации дека почнуваат да ги враќаат назад. Последната информација е дека веќе се вратени двајца образовани и подготвени кадри во една наша странска компанија, рече Апостолска.

Иселувањето на младите е голем проблем за стопанството. Бизнимените подолг период се жалат дека не можат да најдат висококвалификуван кадар, а во последно време нема ниту неквалификувани работници.

Инаку, враќањето на младите беше еден од поголемите адути на СДСМ пред да дојде на власт.

Најчеста дестинација за македонските печалбари се Германија, Малта, Емиратите и САД.