Бизнис
14. May 2019 - 16:22

Владата најавува намалување на данокот на добивка за ИТ компаниите

Данокот на добивка на ИТ компаниите ќе се намали од 10 на 3 отсто, најави министерот Манчевски. Сепак, новата мерка нема да важи за сите, туку само за одредени дејности од овој сектор. Но за тоа кои компании ќе имаат бенефит, допрва ќе се одлучува. Надлежните се надеваат дека мерката ќе ги натера компаниите да ги зголемат своите капацитети.

-Да ги мотивираме уште повеќе да инвестираат во капацитети во земјава. Особено, имајќи предвид дека многу скоро ќе го намалиме данокот на добивка на добивка на ИКТ компаниите за одредени дејности на 3 проценти. Се надеваме дека голем број на домашни и странски фирми ќе ги зголемат своите капацитети, ќе отворат нови работни места, нормално со повисоки и достоинствени плати како што тоа го нудат ИКТ компаниите, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Приватниот сектор вели дека мора да се забрза процесот на дигитализација на општеството. Со тоа ќе се подобрат услугите кон граѓаните од страна на институциите, но ќе се зголеми и продуктивноста и добивката на приватните компании. Од Комората на ИТ секторот велат дека скоро сите компании од земјава се стремат кон извоз, а голем дел немаат ниту веб страна.:

-ИКТ компаниите се тие кои што можат на останатите компании од бизнис заедницата да им помогнат за тоа колкави трошоци може да имаат доколку решат да имплементираат одредено ИКТ решение. И тие се тие кои ќе им помогнат да го изберат и типот на решение, изјави Извршниот директор на МАСИТ, Анита Никова-Бундовски.

Според Манчевски, пак, клучен чекор кон дигитализацијата има неодамна донесениот Закон за електронски документи. Со него, важечки стануваат дигиталните документи. Согласно законот, ниту една институција не смее да побара документ на хартија, доколку тој е во електронска верзија.