Македонија
12. February 2025 - 16:44

Владата на вонредна седница утре ќе ги замрзне маржите на 100 групи производи

Владата на вонредна седница утре ќе ги замрзне маржите на 100 групи производи. Министерството за економија денеска ја пишува листата и штом ја заврши ќе и’ ја даде на Владата. Премиерот очекува значително поевтинување на основните прехранбени производи, бебешката храна, средствата за хигиена и други продукти кај кои била забележана голема разлика меѓу набавната и продажната цена.

„Предлогот го имам веќе во работна верзија, во текот на денот ќе се усогласува и очекувам на итна седница во текот на утрешниот ден истиот да биде донесен и да биде спроведен од страна на супермаркетите или хипермаркетите. Маржата малопродажна и големопродажна се ограничува едната на 10 и другата на 10% и очекувам тука да има драматично намалување на цените на оние производи кои вистински ги користат граѓаните“ – Христијан Мицкоски, премиер 

Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавување во службен весник и ќе важи до крајот на април.

За ограничените маржи се дискутираше и на денешната собраниска седница. Пратеникот Борче Цветков од СДСМ рече дека мерката е ископирана од претходната влада, а плус е задоцнета и ќе нема реален ефект.

„Вашата најнова мерка за замрзнување на маржите донесена под притисок на јавноста е истата онаа мерка којашто сегашната позиција гласно ја критикуваше велејќи дека не дава ефект. Но, сега од перспектива, во состојба на безидејност моравте да прикажете дека нешто работите, па најлесно ви беше да ја ископирате мерката од 2022 година“ – Борче Цветков, пратеник на СДСМ

Министерот за економија, пак, се надева на позитивни резултати. Нагласи дека за првпат во 15 години пазарниот инспекторат направи обемни пет месечни контроли кои открија високи маржи и кај маркетите и кај дистрибутерите.

„Не сме направиле замрзнување на цените, но сме направиле ограничување на маржата. Многу брзо ќе ја донесеме таа мерка и повторно ќе има ефекти како што беа другите мерки и ќе се стабилизира пазарот“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Анализата на Сител покажа дека од крајот на 2021 година, па наваму, Владата дваесетина пати ги замрзнувала цените или маржите на основните производи. Дел од овие одлуки неколкупати беа предвремено продолжувани за да се спречи поскапување, но по истекот на секоја мерка, цените неконтролирано одеа нагоре.