Бизнис
28. October 2018 - 16:25

Владата ќе отплати половина од долговите на општините

Преку ребалансот на буџетот ќе се подобри финансиската состојба на општините. Надлежните најавуваат законски измени со цел државата да воспостави механизам за заштита од неконтролирано задолжување на локалните власти. Со ребалансот, околу 50 милиони евра од државната каса ќе се префрлат на сметка на општините со цел подмирување на заостанати, а неплатени долгови. Министерот за финансии вели дека не се работи за простување на долговите. Според него, ова е најсоодветно решение бидејќи дел од општините се презадолжени и не се во состојба да им ги испорачаат основните услуги на граѓаните.

“Сега со 3 милијарди денари им помагаме на општините и сите јавни институции во нивна надлежност. Обезбедуваме поддршка за 51% од пријавените, а неплатени обврски. Тоа што е уште поважно, ќе ставиме ред. Целта е проблемот од една страна да се реши, но од друга страна и да се превенира негово повторување во иднина. Ние воведуваме воведуваме механизам, со што ова ќе се спречи. Општините ќе може да ги проектираат сопствените приходи на основниот буџет со најмногу 10% раст од просечната реализација во последните три години”, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.

И Владата и градоначалниците сметаат дека со ребалансот на буџетот, не само општините, туку и стопанството ќе има бенефит од намирувањето на старите долгови, бидејќи најголем дел од доверителите се всушност локални фирми. Очекуваат и дека треба да се понесе одговорност за нереално проектираните буџети.

“Граѓаните не смеат да бидат оштетени. Затоа пак, се очекува надлежните институции да продолжат со неселективното санкционирање секаде каде што ќе се докаже злоупотреба на функцијата. Секој треба да си ја понесе одговорноста. Праксата на неконтролирано трошење на парите на граѓаните мора да заврши овде и сега”, вели Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа.

Парите за покривање на општинските долгови ќе се пренаменат од ставката капитални инвестиции, чија реализација за 9 месеци изнесува само 27% од проекциите за годинава. Ребалансот на буџетот помина на Владина седница, а утре започнува комисиската расправа во Собранието.