Македонија
26. March 2019 - 11:47

Владата ќе ја одржи 127-та седница

Информацијата за реализација на Проектот „Младинска картичка“ на предлог на Агенцијата за млади и спорт, како и Информацијата во врска со отпочнување активности за спроведување на Стратегијата за развој на женското претприемништво во Република Северна Македонија 2019 – 2023, со Акциски план како предлог на Министерството за економија, се на дневен ред на денешната 127-ма владина седница.

На оваа седница Владата ќе се произнесе и по Информацијата за подготовка на ревидираната Методологија за следење на реализацијата на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015-2020.

Како што информираат од владината прес-служба, Секретаријатот за европски прашања за оваа седница ја предложил Информацијата за подготовка на Петнаесеттиот состанок на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, што ќе се одржи на 11 април годинава во Брисел.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика денеска ќе биде разгледана Информацијата со Предлог за воспоставување на Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање (Center of Exellence on Gender Responsive Budgeting).

На денешната седница ќе биде разгледана и Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за Седумнаесетта емисија на обврзници за денационализација, поднесена од Министерството за финансии, како и Годишниот акциски план за спроведување на Национална стратегија за развој на интегрирано гранично уредување за 2019 година, како предлог на Националниот координативен центар за гранично управување.