Бизнис
28. February 2023 - 16:39

Владата ја замрзна цената на лебот и ја укина регулираната цена на струјата за компаниите

Белиот и полубелиот леб од утре ќе мора да се продава по максимална цена од 33 денари. Владата ја замрзна цената до крајот на мај, но ги укина и субвенциите за електрична енергија за компаниите кои произведуваат основни производи.

Владата направила анализа анализа на цената на импутите во производството на лебот. Според неа, и производителите, но и трговците ќе имаат профит доколку лебот се продава по 33 денари.

За производство на еден леб од 450 грама, пекарите имаат трошоци од 9,5 денари за материјали, 5,7 денари за енергија и за работна рака, 6 денари за транспорт и пакување. Со тоа, вкупната производна цена на еден леб е 21,2 денари. Со вакви пресметани трошоци, лебот би требало во маркетите да чини 32 денари, а притоа да се плати 5% ДДВ, трговиците да добијат 5% маржа, но и пекарите да имаат заработка од 6 денари, по леб.

Премиерот Ковачевски дециден – не смее да се дозволи нереално богатење на газдите.

Компаниите кои произведуваат масло за јадење, брашно, леб, млеко и млечни производи остануваат без субвенционирана цена на струјата од 80 евра за мегават час.

Пекарите не попуштаат. Откако одлуката ќе стапи во сила ќе ги изгасат печките. Со тоа уште од утре може да очекуваме празни рафтови во маркетите.

Доколку останеме без леб, Бектеши рече дека тогаш ќе постапат другите надлежни институции како Пазарниот инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата.