Владата ја одржа 140-та седница
Владата на денешната 140-та седница усвои повеќе точки, меѓу кои и потребата за потпишување на Меморандум за разбирање со ИФЦ и СЕКО, прифаќање на Договор за соработка во врска со реализација на проектот ХЕЦ Чебрен, предлог-законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, новиот текст на Уредбата за дополнување на Уредбата за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, информацијата за Извештај на ГРЕКО за евалуација на РСМ, како и преземањето обврска за назначување советник за интегритет.
Од владината прес-служба соопштија дека Владата ја разгледала и усвоила Информацијата за потребата од потпишување на Меморандум за разбирање меѓу Министерството за финансии на Република Северна Македонија, Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) и Меѓународната финансиска корпорација (IFC), и го задолжила министерот за финансии, Драган Тевдовски, да го потпише Меморандумот за разбирање со SECO и IFC.
Се посочува дека Меморандумот што ќе биде потпишан за време на годишните средби на Холандската конституенца на Групацијата на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, има за цел развој и спроведување на Проектот за лесна индустрија на Југоисточна Европа.
– Овој проект е значаен регионален проект чија цел е подобрување на конкурентноста на фирмите во процесите на креирање на додадената вредност во лесната индустрија (синџир на добавувачи) во земјите во Југоисточна Европа, како и поттикнување и зајакнување на нивното вклучување во синџир на добавувачи на Еврозоната и регионот. Овој проект се очекува да придонесе за економски раст и да го поттикне отворањето на работни места во регионот на Југоисточна Европа преку обезбедување на поконкурентни, интегрирани и производи со поголема додадена вредност на домашните компании, соопштија од владината прес-служба.
На седницата Владата го разгледала и прифатила Договорот за соработка во врска со реализација на проектот ХЕЦ Чебрен меѓу Владата на Република Северна Македонија и Меѓународната финансиска корпорација, што доаѓа како резултат на Рамковниот договор за соработка за развој на инфраструктурни и енергетски капацитети преку моделот на јавно приватно партнерство (ЈПП).
Владата на седницата го усвоила и предлог – законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста заради усогласување на националното законодавство од областа на јавните набавки со европските директиви за јавни набавки. Со овој предлог закон се постигнува зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на системот на јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, со што ќе се надмине и забелешката на Европската комисија во нејзините годишни извештаи за напредокот на земјата, соопштија од владината прес-служба.
На седницата била усвоена и Информацијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост врз кое има изградено оранжерија и помошни објекти во функција на оранжеријата, односно објекти во стопанскиот двор врз основа на Јавниот повик од 22 ноември 2018 година, посочувајќи дека со реализацијата на јавниот повик сопствениците на оранжерии се стекнале со можност да го купат земјиштето на кое што се наоѓа оранжеријата, а кое што во моментов е во државна сопственост, и со стекнувањето на имотни листови, сопствениците на оранжерии ќе имаат можност за нови инвестиции во објектите, за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на објектите, и ќе остварат право за аплицирање за мерките од европската ИПАРД програма.
Владата го усвоила и новиот текст на Уредбата за дополнување на Уредбата за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, во која е додадена нова подмерка „Услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви“. Со овој вид на заштита од природни климатски непогода како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи.
Проценетата вредност за набавка на услугите е 900 милиони денари, што е неколкукратно поекономично од инвестициите во ракетен систем чија проценета вредност за инсталација и одржување е еднократна инвестиција од една милијарда и 200 милиони денари и дополнителни трошоци за одржување и набавка на материјали од 300 милиони денари на годишно ниво.
Владата на седницата го усвоила и новиот текст на Решението за формирање на Комисија за спроведувањена постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организација – Платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем на Република Македонија (HEMS) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (SAR), соопштија од владината прес-служба.
Дополнително за реализација на постапката се задолжени Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, министерствата за здравство, за економија, за транспорт и врски, за одбрана, за внатрешни работи до Генералниот секретаријат на Владата веднаш да достават номинација на членови и заменици членови на Комисијата, која потоа ќе треба да го достави Јавниот повик и Тендерската документација во рок од 30 дена до Владата на усвојување.
На денешната седница, Владата ја разгледала и усвоила информацијата за извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг, на тема „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот“, и дала согласност за објавување на извештајот.
Владата го задолжила Министерството за правда да го информира ГРЕКО за нејзината согласност за објавување на Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг, и го задолжила Министерството извештајот да го објави на својата веб страница во превод на македонски јазик, во рок од седум дена. Дополнително, Владата презела обврска да назначи советник за интегритет кој ќе има обврска да врши упатување и советување на членовите на Владата и лицата именувани за спроведување на препораките од овој извештај.
Владата го разгледала и усвоила новиот текст на Информацијата за давање одобрение на Министерството за здравство за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на медицинска опрема дигитални РТГ апарати за потребите на повеќе Јавни здравствени установи во Република Северна Македонија, за јавна набавка на медицинска опрема – апарати за хемодијализа, за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија, ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември Скопје и ЈЗУ Завод за нефрологија Струга, како и за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на медицинска опрема, за потребите на ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина – Скопје, наведоа од владината прес-служба.
На седницата Владата го назначила амбасадорот, проф. д-р Ѓорѓи Филипов за координатор на Меѓународната група на експерти од Република Северна Македонија за трговски марки, и имињата и другите облици на интелектуалната сопственост, кои со колегите од Грција ќе работат за постигнување на взаемно прифатливи решенија за овие прашања, согласно обврските од Договорот меѓу Република Северна Македонија и Република Грција потпишан на 17 јуни 2018 година.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од свет
-
Синдикатите и работодавачите со различни ставови за „недела неработен ден“
-
Тема на денот со Марјан Ристевски, заменик министер за економија и труд
-
Маркетите ги вратија старите цени на производите кои ги покачија, а не се дел од Новогодишната кошница
-
По повод 45 години Пекабеско ќе донира 30.000 евра за најмладите
-
Последни пратенички прашања за годинава
-
Собранието на чекор до разрешување на членови на Судски совет
-
Дали има судир на интерес во одлуката на Антикорупциска за назначувањето на Бојан Христовски во АНБ?