Македонија
6. November 2019 - 19:15

Владата ја објасни идејата за хеликоптерска единица за брзо спасување

Власта и опозицијата со различна математика за јавно-приватното партнерство за хеликоптерска итна помош.

Од владата велат дека државата нема да инвестира ниту денар за спроведување на проектот.

Генереалниот секретар Драги Рашковски на брифинг со новинарите уверува дека од склучувањето на договорот, добиваат и граѓаните и државата.

Интервенциите на двата хеликоптери во случај на несреќи ќе бидат бесплатни, а по 8 години, целата опрема ќе остане во сопственост на земјата. Рашковски откри дека зад Сархемс, компанијата која го доби тендерот, стои Свидиш хеликоптерс конзорциум.

„На јавниот повик се јавија пет компании. Ова е ремек дело што можело да го направи државата. Компанијата е подружница на учесникот и затоа фирмата е регистрирана 24 дена пред повикот. Вредноста на инвестицијата е 9 милиони евра, тоа се пари на Сархмес“, појаснува генералниот секретар на владата Рашковски.

Според опозицијата склучувањето на јавно-приватното партнерство за хеликоптерска единица за итна помош, државата ќе ја чини повеќе милиони евра.. Во ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека единствено највисоките владини претставници ќе имаат ќар од реализирање на проектот.

„Заев и криминално рекетарската банда околу него се на прагот да испумпаат 72 милиони евра од граѓаните и да ги дадат во форма на концесија односно приватно партнерство на фирма основана пред дваесетина дена. Државата е повеќекратно во загуба. За да можат граѓаните да разберат за каква измама се работи, доволно е да се знае податокот дека со 72 милиони евра колку што Заев ќе даде за 8 години може да се купат 15 најсовремени хеликоптери за медицинска итна помош“, вели Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Владиниот генерален секретар најави дека за 30-тина дена ќе се потпише договорот со компанијата Сархемс, а хеликоптерската итна помош своите услуги ќе почне да ги нуди пред почеток на летото.