Владата истражувала - Која е најпосакувана вакцина во земјава
Половина од граѓаните во Македонија би се вакцинирале против ковид, покажува истражувањето кое за потребите на Владата на средината од март го спровела агенцијата Индаго. Според него, 51% од граѓаните би примиле вакцина, 18% се уште се мислат а 28% рекле дека нема да се вакцинираат.
Најголем интерес за вакцина има меѓу граѓаните кои се постари од 50 години додека кај младите е најголем процентот на оние кои одбиваат да се вакцинираат.
На Македонците омилена вакцина им е Сптуник В. За рускиот производ се определиле 65% од испитаните додека 61% кога би можеле да изберат би се вакцинирале со Фајзер. За Кинеската вакцина се определиле 50%. Најмногу граѓани или 55% рекле дека не би се вакцинирале со Астра Зенека.
Според ова истражување спроведено пред пролетниот пик, дури 73% од граѓаните немаат прележано ковид а секој десетти анкетиран денеска година и половина по првиот случај смета дека корона вирусот не постои.
Во однос на начинот на кој Владата се справи со пандемијата граѓаните имаат поделени мислења. 37% велат дека се задоволни од владините мерки додека 35% не се задоволни. Околу 27% од анкетираните дале одговор некаде во средина. Најголемо задоволство има во југоситочниот регион а најголемо е незадоволството во вардарскиот.
За граѓаните најефикасна мерка против ковид е носењето маска, карантинот и забраната за групирање, а најмалку ефикасна мерка се смета дека е затворањето на училиштата.
Најголем дел од граѓаните или близу 90% велат дека ги почитуваат здравствените мерки. Анкетата покажува дека тие најмногу се почитуваат во југозападниот дел на Македонија а најмалку во полошкиот регион.
Анкетата е спроведена телефонски врз репрезентативен примерок од 1100 испитаници во периодот од 8 до 16 март годинава.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
