Македонија
30. August 2018 - 16:22

Владата и СОНК потпишаа спогодба за зголемување на платите во основното и средното образование

Во октомври повисоки плати за просветните работници. Вработените во основното и средното образование ќе добијат зголемена септемвриска плата за пет отсто, откако во Владата беше потпишана спогодбата меѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование и наука и култура. Со него се предвидува утврдување на најниската плата за сите вработени во дејноста на основното и средното образование.

На потпишувањето на спогодбата присуствуваше премиерот Зоран Заев, кој напомена дека подобрувањето на животниот стандард, како и подобрувањето на мотивацијата на наставниците е основна цел на оваа спогодба.

Според министерот за образование Адеми, потпишувањето на Меморандумот е значаен чекор кон подобрување на статусот на наставниците, а како Министерство, ќе продолжат со мерки кои ќе одат во таа насока.

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Јаким Неделков изрази задоволство од зголемувањето на платите, но порача дека Владата треба да поведе поголема сметка и за останатите области од образованието и културата.

Со потпишаната Спогодба, најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта ќе изнесува 12 илјади 714 денари, додека за вработените во средните училишта – 13 илјади 117 денари.