Владата го менува законот за прекршоци
Прво опомена, па потоа казна. Владата го менува Законот за прекршоци. Се намалуваат и глобите за 75%.
За граѓаните казната за сторен прекршок ќе изнесува од 15 до најмногу 250 евра, наместо 1.000, како што беше досега. Ќе се преполови и казната за нерегистрирано возило повеќе од 30 дена и ќе изнесува 250 евра.
За фирмите, при одредување на глобата ќе се земе предвид приходот остварен во претходната година, бројот на вработени, како и претходно изречените казни за исти или слични прекршоци. Со новиот Закон, трговец поединец ќе се третира како физичко лице.
“Во законот за прв пат се прави градација меѓу малите, средните и големите претпријатија. За малите глобата ќе биде од 50 до 2.000 евра, за разлика од претходниот Закон, каде изнемсуваа 5.000 евра. За средните и големите претпријатија ќе се изрекуваат глоби од 250 евра, до најмногу 10.000 евра”, изјави Зоран Заев, премиер на Влада на РМ.
Со законските измени ќе се воведе и категоријата опомена. Целта е да не се изрекуваат превисоки казни за помалите прекршоци, бидејќи често пати тоа значи и затворање на некои фирми токму поради висината на изречената глоба.
“Сега акцентот ќе се стави на опомената и на она што често пати се случуваше некогаш самата грешка што ќе биде увидена од страна на правните лица, често пати беше казнувана без оглед што самите ја увиделе грешката, пријавиле, значи направиле корекција. Законот не дозволуваше инспекциските служби да се повлечат и фирмите беа казнувани. Сега, доколку самото претпријатие направи корекција, доколку станува збор за ненамерна грешка која што не оставила штетни последици и доколку се отстранат штетните последици, тогаш нема да има казнувања”, изјави Рената Дескоска, министерка за правда.
Бизнис заедниците веќе подолго време апелираа итно да се намалат казните за прекршоци, но и да се опоменува пред да се казнува. Законот влегува во владина процедура.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар