Македонија
27. September 2023 - 12:24

Владата ги задолжи општините со препораките од УНЕСКО

Владата донесе одлука за спроведување на препораките на УНЕСКО. Министерството за транспорт и врски, како и општините Охрид, Струга и Дебрца, имаат задолженија во прецизирани рокови, секој во рамките на своите надлежности, да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за кои се издадени правосилни решенија за отстранување и за кои се обезбедни финансиски средства за отстранувањето.

„Задолжено е Министерството за транспорт и врски, а им се укажува и на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, сите урбанистичко плански документации да ги доставуваат до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење уште во фаза на предлог-опфат, односно пред да бидат усвоени од општинската Комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма“,стои во соопштението.

Неколку министерства, општини и институции добија задолженија од Владата, да се изработи приоритетна листа на клучни живеалишта и загрозени приоритетни видови риби, безрбетници и алги во Охридското Езеро, да се формира Работна група за изработка на анализа на пловила со пресметка и на капацитетот на носивост и да се изработи нацрт-верзија на Предлогот на законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Граѓанските активисти  пак остануваат на ставот дека нема напредок на терен во спроведувањето на препораките, во погрешна насока оди урбанизацијата на Охрид.

На 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржа во Ријад, беше истакнато дека Охридскиот Регион го задржува статусот светско наследство на УНЕСКО, но, остануваат и препораките за негово зачувување.