Македонија
29. July 2020 - 12:32

Високите температури ги зголемија повиците на брзата помош во Битола

Високите температури го зголемија бројот на повици во Итната медицинска помош во Битола. Благо покачување има и на бројот на лица кои што јавиле за помош во дежурната ургентна амбуланта. Од битолската Итна медицинска помош велат дека најчесто на 194 се јавувале пациенти за совети, пациенти кои што барале интервенции во домашни услови, во  институции и на отворено.

„Најголем број на пациенти кои што бараат помош се наоѓаат во колапсни состојби, тоа е нагло паѓање на притисокот краткотрајно, потоа има пациенти кои што имаат главоболки кои што траат по неколку дена, вртоглавици…Кај помладата популација имаме зголемен број на настинки, цревено грло, поради промаите, влегување од климатизирана во неклиматизирана просторија, исто така е зголемен бројот на цревните инфекции. Имаме пациенти кои што се жалат на стомачни болки, проливи, повраќања итн“, вели д-р Васе Николовска, од итната медицинска помош во Битола.

Со оглед на актуелната состојба со Ковид 19, на 194 се јавуваат и граѓани со температура повисока од 37,5 степени, кои чувствуваат омалаксаност и имаат тешко дишење. 

„Кога сме сега во состојба на коронавирус, граѓаните нормално е да се плашат, било да имаат повисока температура или треска, стегање во градите или болки во грлото, тие се јавуваат на нашите телефонски линии 194 или доаѓаат кај нас. Ние доколку се сомневаме на такви симптоми ги испраќаме пациентите до одделот за пнеумофтизиологија, а оттаму ги тријажираат до Ковид центарот“, вели д-р Николовска.

Докторите предупредуваат дека топлиот бран ќе предизвика проблеми кај луѓето кои се хронично болни и затоа апелираат да не се излегува на отворено без причина, да се пијат течности, да се носи лесна облека, заштита на главата и да се движат под сенка. Притоа, да се почитуваат мерките за заштита од Ковид 19 и задолжително често да се мијат раце.