Свет
21. November 2016 - 18:54

Вишеградската четворка создаде центар за управување со миграциската криза

Министрите за внатрешни работи на државите од Вишеградската четворка објавија денеска на средба во Варшава формирање центар за управување со миграциски кризи.

Со него ќе се координира помошта за бегалците во држави надвор од Европската унија. Центарот ќе го раководи Полска.

Тој е контра-предлог на системот за задолжителни квоти за раселување бегалци предложен од Брисел.

Полска, Чешка, Унгарија и Словачка повторно го отфрлија квота-системот и го оценија како „неефикасен“.

– Станува збор за помош за мигрантите во места каде добиле прифатилиште во Либан, Јордан и во кампови каде се наоѓаат лица кои побегнале од војната, изјави на прес конференција полскиот министрер за внатрешни работи Мариуш Блашчак.

Тој нагласи дека целта е да се координираат акциите на државите и испратената помош до нив да биде навистина од корист.