Македонија
25. October 2023 - 8:02

Вицепремиерот Маричиќ во дводневна посета на Брисел

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска и утре ќе учествува на дводневниот Форум „Глобална порта“ во Брисел, на кој е најавено присуство на над 40 високи владини претставници на земји-членки и партнери на ЕУ, како и на делегации на меѓународни организации, граѓанското општество, приватниот сектор и финансиски институции, меѓу кои и на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, домаќин на Форумот е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ќе има и воведно обраќање на собирот на кој учесниците ќе дебатираат за прашања поврзани со глобалните инвестиции во инфраструктурата, предизвиците со кои се соочуваат јавниот и приватниот сектор, транзицијата кон зелена енергија, поддршката на образованието и истражувањето, безбедноста на критични суровини и развојот на транспортните коридори и дигиталната инфраструктура. 

- Проблемите ширум светот со лошата инфраструктура, загрозувањето на животната средина и недостигот на пристап до здравствена заштита и образование, не ги признаваат меѓународните граници. Токму поради тоа, стратегијата „Глобална порта“ на ЕУ има за цел да ги поврзе земјите и регионите ширум светот, преку поттикнување на јавни и приватни инвестиции во глобална мрежа на транспортни коридори и системи за снабдување, зелена енергија, модерни телекомуникации, образование и истражување, со акцент на одржливиот развој и на европските вредности, како што се доброто владеење, транспарентноста и рамноправното партнерство, наведува во најавата организаторот на Форумот, Европската комисија. 

Покрај учеството на Форумот, вицепремиерот Маричиќ за време на престојот во Брисел ќе има средби и со еврокомесарите за проширување и за буџет и администрација, Оливер Вархеји и Јоханес Хан, како и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман. 

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска изјави дека париите се блиску до договор за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот законик, но оти сепак останува потешкиот дел, а

Дополнително, вицепремиерот Маричиќ ќе одржи и брифинг со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА), како и работен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Микела Матуела, на кој тема на разговор ќе биде текот на скрининг процесот и подготовката на стратешките документи – Патокази, кои се наша обврска за отворање на Кластерот 1 - „Фундаментални вредности“. 

Како што најави Секретаријат за европски прашања, во фокус на средбите ќе бидат прашања поврзани со европската агенда на Северна Македонија и перспективата на евроинтегративниот процес, со сите тековни и идни предизвици на тој пат.