Македонија
24. July 2015 - 14:28

Вицепремиерот Бесими на министерски состанок во Луксембург

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими во Луксембург учествуваше на неформалниот состанок на министри и државни секретари за европски прашања, во организација на луксембуршкото претседателство со Советот на ЕУ.

Во oбраќањето на собирот Бесими го истакна своето уверување дека луксембуршкото претседателство преку примената на отворениот пристап, кој цели кон ставање на граѓаните и нивните потреби во срцето на своите  иницијативи,  ќе успее да  обезбеди доследно спроведување на зацртаните приоритети, што ќе придонесе во процесот на градење на силна Европа, градена врз основа на Европските вредности и принципи.

Како што соопшти денеска неговиот кабинет, Бесими ја истакнал неопходноста од европското интегрирање на земјите од Западен Балкан, како единствена гаранција за стабилност и просперитет во Регионот. Во таа насока, тој го нагласил очекувањето дека луксембуршкото претседателство покрај имплементацијата на останатите зададени приоритети, ќе даде поактивна поддршка во имплементацијата на приоритетот – јакнење на присуството на ЕУ на глобалната сцена, кој ќе се демонстрира во консензуалното усвојување на Годишните заклучоци за проширување во декември и ќе придонесе кон европската интеграција на регионот.

- Не би можел да не ја искористам оваа можност да се заблагодарам за инволвираноста и  целата поддршка која Македонија ја доби од страна на Европската Унија, особено на комесарот Хан, во насока на постигнување на договор од страна на политичките партии, со кој се стави крај на политичката криза, која се испречи на патот на европската интеграција на Република Македонија. Владата на Република Македонија со сериозност пристапи кон сите забелешки, препораки и извештаи дадени од страна на ЕУ, конкретно врз основа на нив изготви План со активности за имплементација на итните реформски приоритети, за кој беа консултирани и согласни политичките партии, план кој ги дефинира нашите идни активности во насока на постигнување на резултати, истакнал Бесими.

Тој уште еднаш ја потенцирал важноста од што поскоро зачленување на Република Македонија во Европската Унија и во таа насока очекувањето од континуирана и засилена поддршка од страна на европските институции и земјите членки.

- Очекуваме дека прогресот ќе биде соодветно вреднуван во декемвриските заклучоци на Советот на ЕУ и Република Македонија ќе се здобие со уште една позитивна препорака за започнување на преговорите, рекол меѓу другото вицепремиерот Бесими.

На маргините на неформалниот состанок, вицепремиерот Бесими се сретнал со Жан Аселборн, министер за надворешни и европски работи на Луксембург, Роберт Гроте, заменик министер за надворешни работи на Холандија и Мартин Котхаус, генерален директор за европски прашања во МНР на Германија. На средбите, соопшти СЕП, се дискутирало за последните случувања во државата и напорите кои Владата на Република Македонија ги прави во насока на европската интеграција на државата.