Весиќ: Унгарија, Србија, Северна Македонија и Грција на 23 ноември потпишуваат заедничка изјава за изградба на брза пруга
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека брзата пруга на делницата Нови Сад - Суботица ќе биде пуштена во сообраќај на 24 ноември, а ден претходно Унгарија, Србија, Северна Македонија и Грција ќе потпишат заеднички изјава за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина (Патра) преку Скопје.
-Брзата пруга низ Србија, како дел од идната брза пруга од Унгарија до Грција, се наоѓа на европската железничка мрежа. Како што најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ден пред да се пушти во сообраќај новата делница од Нови Сад до Суботица, Унгарија, Србија, Северна Македонија и Грција ќе потпишат заедничка декларација за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина, односно Пиреја и Патра, изјави Весиќ за ТВ Пинк.
Тој кажа дека се очекува до крајот на 2025 година унгарските партнери да го завршат својот дел од пругата, од српската граница до Будимпешта, долга 166 километри со што брзата железничка врска од Белград до Будимпешта ќе трае два часа и 45 минути.
Во согласност со договорот за изградба на брзата пруга Белград - Ниш, долга 230 километри, Владата на Србија донесе уредба за план за посебна намена, со кој практично се овозможува работите да започнат следната 2025 година.
Весиќ посочи дека за време на работите нема да има затворање на сообраќајот, бидејќи Србија не смее да го загуби товарниот сообраќај и кажа дека до февруари ќе заврши реконструкцијата на пругата Ниш - Брестовац, долга 23 километри.
-Тогаш ни преостанува уште 135 километри пруга од Брестовац до Прешево. Се договоривме со Владата на Северна Македонија заеднички да побараме финансирање и да работиме на нашите 135 километри и нивните 50 километри до Скопје. Грците веќе проектираат пруга од Солун до Идомени, на грчко-македонската граница и ја обновуваат пругата Солун-Атина. Останува да се реши поврзувањето од Скопје до Идомени, а кога ќе се заврши ќе имаме над 1.638 километри пруга од Будимпешта до Патра. Тоа ќе биде столбот на транспортот на Западен Балкан, објасни министерот Весиќ.
Тој додаде дека Србија е заинтересирана за изградба на дел од пругата од Ниш до бугарската граница. Тој рече дека пругата од Истанбул до бугарската граница се гради во Турција со поддршка на ЕУ и дека веќе е изградена пругата од границата до Софија и дека делот од Софија до Драгоман, на границата со Србија, останува да се уреди.
-Ако го прашате претседателот Вучиќ како и мене како надлежен министер - железницата е приоритет. Ако ја прашате Европската комисија, ќе го добиете истиот одговор, бидејќи ЕУ одлучи да го удвои бројот на обновени колосеци до 2030 година. Донесена е и нова регулатива за трансевропски коридори со која за првпат се изедначија земјите членки и оние кои се уште не се, во однос на пристапот до средства. А ЕУ издвојува 500 милијарди евра за европските коридори, од кои дури 80 отсто ќе одат за железницата, рече Весиќ.
Ново на Сител
-
Приведено лице од Турција поради давање поткуп
-
Предлог уставни измени во Собранието пред формирање на влада во Бугарија, според премиерот е „наивно“ и „би ги загрозило евроинтеграции на државата“
-
Лазаров повика 20 ракометари за натпреварите со Естонија и со Литванија
-
Британскиот тинејџер што уби со нож три девојчиња произведувал рицин и имал прирачник за терористички дејствија
-
Во Боливија уништени 21,6 тони кокаин
-
Ван Нистелрој би можел да го напушти Манчестер Јунајтед откако ќе биде назначен нов тренер
-
Ковачки: Дали Ахмети мисли дека некој ќе му дозволи да си игра со стабилноста на Македонија
-
Јужна Кореја има намера да испрати тим во Украина за следење на севернокорејските војници