Верниците од денеска ќе можат да го посетат гробот на папата Франциск
Од денеска гробницата на папата Франциск во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим ќе биде отворена за верниците, соопшти Ватикан.
Папата, кој почина на 88-годишна возраст на 21 април од мозочен удар, беше погребан вчера во гробница одвоена помеѓу две капели во римската базилика, по церемонија на жалост одржана во Ватикан. Церемонијата на поставување на ковчегот траеше околу половина час.
На погребот во базиликата Санта Марија Маџоре присуствуваа само најблиските, а едноставниот, дрвен ковчег на Папата беше пречекан со ѕвона.
Пред таа базилика, која се наоѓа на околу шест километри од Ватикан, телото на Папата го пречекаа 40 припадници на маргинализирани групи, за кои тој особено се залагаше за време на службата, вклучувајќи мигранти, бездомници, затвореници и трансродови лица.
Претходно, по мисата на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, папамобилот со ковчегот помина низ улиците на Рим, при што насобраната маса луѓе се збогуваше со поглаварот на Римокатоличката црква.
На мисата во Ватикан, според официјалните податоци од Ватикан, присуствуваа околу 250.000 луѓе, како и 170 странски делегации. Меѓу нив имаше шефови на држави и влади, монарси, поранешни државници, политичари од Италија и други земји, интелектуалци, уметници.
Подоцна, италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози изјави дека најмалку 400.000 луѓе присуствувале на погребот на папата Франциск, собрани на плоштадот „Свети Петар“ и по улиците на Рим.
Целиот настан го следеа околу 2.700 акредитирани новинари.
Во историјата на Светата столица, неколку папи биле погребани во слични гробници надвор од Ватикан, вклучувајќи го Григориј XII во Реканати, Бенедикт XII и Јован XXII во Авињон, и Григориј X во Арецо.
Последниот папа што бил погребан на овој начин надвор од Ватикан бил Лав XIII, кој починал во 1903 година и е погребан во базиликата Сан Џовани во Латерано во Рим.
Гробниците на папите се дел од црковното и културното наследство.
Папата Франциск побара да биде погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре, каде што се наоѓа познатата византиска икона на Богородица, пред која имал навика да се моли пред и по секое апостолско патување.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Кирил Михаилов, заменик директор во Национални шуми
-
ВМРО-ДПМНЕ го осуди настанот
-
Раста уапсен во Охрид, не стигна да настапи со Џејсон Деруло
-
Повторно гори кај Желино: Состојбата на другите места ширум државата е стабилна
-
Министерот за спорт барал Младинската олимпијада да не се одржи во Скопје
-
ВМРО-ДПМНЕ: За Кочани прашајте го Коцевски
-
СДСМ: Има ли Алказар Енерџи одобрение за изградба
-
Осуммина повредени од трагедијата во Кочани се уште во болница