Верници се клањаа во центарот на Приштина во знак на протест поради неотворање на џамиите за Бајрам
Неколку десетици граѓани од муслиманска вероисповест вчера на главниот плоштад на косовскиот главен град одржаа верски ритуал на клањање на икиндискиот намаз во светиот месец на рамазанските пости, протестирајќи на тој начин против одлуката за неотворање на џамиите за најголемиот муслимански празник, Фитр Бајрамот, кој годинава е на 24 мај.
Верниците кои одговорија на повикот на група на Фејсбук именувана „Клањај се на плоштад“, ги испочитуваа мерките на косовските здравствени власти за спречување на ширењето на пандемијата, обезбедувајќи ја предвидената физичка дистанца меѓу себе.
Претставници на групата денеска поднесоа барање до Исламската заедница (ИЗК) и Министерството за здравство на Косово (МЗ) за отворање на џамиите за бајрамските празници, а исто така ја информираа и полицијата за денешната активност, на која, според нив, учествуваа единствено лица кои, согласно владините мерки, во тоа време имаа дозвола да ги напуштат свите домови.
ИЗК, по консултациите со косовските здравствени власти, денеска одлучи, и покрај барањата на верниците, џамиите и натаму да останат затворени.
Муфтијата Наим Тернава денеска на прес-конференција, заедно со директорот на Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) Насер Рамадани и микробиологот Љуљ Рака, оценија дека отворањето на муслиманските верски објекти за претстојниот Фитр Бајрам, на 24 мај, би претставувало опасност од ширење на епидемијата на Ковид-19.
Неименувани претставници на организаторот на денешното клањање велат дека на муслиманските верници им се нанесува неправда, со оглед дека од вчера во Косово се во сила нови, олеснети мерки, за движење на граѓаните и дека според тие мерки и на верниците треба да им се дозволи да ги извршуваат ритуалите во нивните верски објекти, со почитување на препораките за физичка дистанца и одржување на хигиенските услови.
Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Џељаљ Сфечља го осуди денешниот повик за клањање во центарот на градот, обвинувајќи го публицистот и универзитетски професор Миљазим Красниќи дека го организира протестот. Красниќи, кој јавно се заложи за отворање на џамиите за Бајрам, ја нарече „чиста злонамерна лага“ изјавата на Сфечља и најави кривична пријава против него за клевета.
На изјавата на Сфечља реагираа и повеќе граѓански организации, партии и јавни личности, потсетувајќи дека пред неколку дена истиот министер и неговата влада предводена од Движењето самоопределување (ВВ) на премиерот во оставка Албин Курти, дозволија организирање на „проба за протест“ на повеќе од 400 припадници на ВВ.
Ново на Сител
-
Ембер и Зверев во финалето на Мастерсот во Париз
-
Мото ГП: Бањаја ја освои ГН на Малезија
-
Протест пред зградата на Владата во Белград: Активистите бараат оставка од министерот Весиќ
-
Израелската армија издаде наредба за евакуација на Балбек
-
Почна доделувањето ваучери за инвертер клима-уреди од повикот објавен во февруари годинава
-
Тешко повреден возач на трактор - изгубил контрола над возилото
-
Извештај на ЕК : Низок оперативен и административен капацитет за сите видови транспорт
-
Израел проценува дека 51 заложник држени во Газа се живи