Балкан
24. September 2015 - 23:17

Верхеијен: Регионот не може да си дозволи блокада на премините

Шефот на Канцеларијата на Светската банка во Србија Тони Верхеијен порача денеска дека овој регион не може да си дозволи блокади на граничните премини, бидејќи тоа може да ги зголеми економските проблеми.

- Економското влијание е тешко да се предвиди, можеме само кусорочно да прогнозираме. Регионот не може себе да си дозволи вакви блокади од страна на која било земја, вклучувајќи ги и Србија и Хрватска, рече Верхеијен.

Тој рече дека блокирањето на премините е ситуација која не може да се одржи и порача дека земјите кои се обидуваат да се изборат со своите проблеми треба да најдат европско решение.

- Не знам дали е се уште тоа негативна околност или околност која е наметната од страна, но ова е секако проблем во односите меѓу овие земји. Но не можеме тоа да го предвидиме, секоја земја се обидува да се избори со својот проблем на свој начин и треба да најде европско решение, истакна Верхеијен.