Свет
1. March 2018 - 23:08

Велика Британија треба да плати отштета за присилното иселување на деца-мигранти

- Британската влада мора да плати отштета за околу 2.000 луѓе кои, како деца, биле насилно испратени надвор од земјата, каде многумина биле подложени на тешки услови, занемарување и злоупотреба.

Повеќе од 100.000 сиромашни деца се испратени од 19. век па се до 1970 година во тогашните британски колонии, вклучувајќи ги Австралија, Нов Зеланд и Канада.

Целта на тие програми била намалување на притисокот врз британските социјални служби, нудејќи им на децата нов почеток и зајакнување на британската популација во странство.

Меѓутоа, многу деца завршиле во институции каде биле физички и сексуално малтретирани или биле принудени да работат на фарми.

Независна истрага за сексуална злоупотреба на деца утврди дека програмата во суштина била погрешна и дека не ги заштитила децата од злоупотреба.

Повеќето од поранешните деца-мигранти починале, но „околу 2.000 мигранти се живи и денес“, а комисијата смета дека од клучно значење е на сите преживеани да им се додели отштета.

Поранешниот британски премиер Гордон Браун во 2010 година се извини за „срамната" и злонамерна програма за деца мигранти.