Велешката болница доби два нови апарата, за ортопедски и за уролошки интервенции
Општата болница Велес од Министерството за здравство за Хирушкото одделение доби два апарата: еден артроскоп за ортопедски интервенции со ендоскопски метод и хирушки ласер за уролошки интервенции – ендоскопска метода, односно за уринарниот систем, информира денеска министерот за здравство Арбен Таравари, кој заедно со заменик-министерот Јовица Андовски ја посетија Велешката болница.
Таравари изјави дека како Министерство за здравство продолжуваат да инвестираат во апаратура, не само во скопските клиники, туки и во сите болници во државата. Додаде дека испорачуваат апарати кои се неопходни за болниците, го олеснуваат начинот на интервенција кај пациентите, а кои биле побарани од докторите на овие болници.
-Конкретно со овие два ендоскопски апарати за Велешката болница овозможуваме пациентите да се оперираат со не многу инвазивна метода и да им се скрати времето на престој во болница на еден до два дена што е тренд во светот. Да се намалат трошоците на Фондот за здравствено осигурување и на здравствениот систем со тоа што пациентите се оперираат и брзо си одат дома, потенцира министерот Таравари.
Тој информира дека од директорот на Велешка болница Александар Бузалков добил најава дека 11 приватни специјализанти наскоро ќе бидат ангажирани во Велешката општа болница и плус 12 државни специјализанти, од коишто некои се при крај на специјализација. -Со тоа нови 23 специјалисти наскоро за година, две најдоцна до три години ќе има Велешката општа болница Велес, најави Таравари. Потсети дека минатата недела биле во Прилеп, денеска се во Велес, а за некој ден најави посети на Тетово и Штип, односно на болници кои се од поголемите во државата.
Министерот Таравари истакна дека Велешката општа болница има околу 300 вработени што претставува, како што рече, добар центар за тука да се лекуваат пациентите од градовите од Вардарскиот регион. Најави дека како Министерство за здравство ќе продолжат и понатаму да инвестираат во јавниот здравствен систем бидејќи тоа е за добробит на пациентите, кои се најважни во секој здравствен систем.
В.д. директорот на ЈЗУ Општа болница - Велес Александар Бузалков информира дека добиената апаратура е поставена во операциониот дел на Хирушкото одделение.
- Оваа апаратура многу ќе ни значи за пациентите бидејќи лекуваме пациенти од целото Повардарие и од градовите на Источна Македонија. Бројот на интервенции во 2024 година на Ортопедија бил над 400 интервенции и над 90 интервенции во Урологија со ваквиот метод на интервенции. Со новата опрема очекуваме и подобри и побрзи интервенции во нашата болница, рече Бузалков. Додаде дека годинава во Велешката општа болница треба да се подобрат со апаратура одделението за физикална терапија, интерното одделение и акушерско-гинеколошкото одделение.
Тој информира дека е набавен апаратот за операција на катаракта, а месецов треба да почне постапка за набавка на дополнителна опрема. Според него, ќе треба да се набави и ехо апарат и микроскоп и очекува до средината на годинава да почнат и со операции на катаракта.
Ново на Сител
-
Папата повеќе не е во непосредна опасност, но останува во болница
-
Пожар меѓу селата Моштица и Саса
-
Ѓорческа успешно ги мина квалификациите на турнирот во Унгарија
-
Пронајден починат маж во Свети Николе во куќа каде неовластено живеел
-
Возач во Аеродром удрил 15-годишно девојче и побегнал
-
Судски совет за в.д. претседател на Врховен суд го определи судијата Џемали Саити
-
ССМ најавува протести доколку Владата не ги зголеми платите
-
Утврден идентитетот на жртвите во сообраќајката кај Битола