Македонија
9. August 2015 - 9:42

Велес го чествува својот заштитник Свети Пантелејмон

Во црквата„ Св Вмч Пантелејмон“ во Велес синоќа со  Празнична вечерна богослужба на која чиноначалствуваше митрополитот Повардарски г-дин Агатангел во сослужение со свештениците од Епархијата, наспроти   големиот ден, започна чествувањето на празникот Свети Пантелејмон, заштитникот на Велес.

Откако се изврши поклон пред иконата на светителот, празнувањето продолжи во дворот на црквата со поздравни обраќања на градоначалникот Славчо Чадиев и митрополитот Агатангел, во кои двајцата на присутните граѓани им упатија честитки за претстојниот празник посветен на Светиот Великомаченик Пантелејмон, чувар на здравјето и спокојот на велешани.
Во уметничкиот дел на програмата присутните граѓани имаа можност да уживаат во настапот на камерниот црковен хор „Св. Великомаченик Пантелејмон“ и драмската игра „1840 – почетокот“. Претставата е на текст на Љупчо Данов, а во режија на Весна Димитрова. Во претставата настапија младите актери од драмската група „Словото“: Кристијан Јорданов, Кире Ацевски и Александар Арсовски.
 
Во изјавата за МИА режисерот Димитрова појасни дека претставата говори за почетоците на градбата на црквата, за тоа како велешани успеале со итрина  да го надмудрат турскиот инспектор да им даде дозвола да почнат со градба на црквата и други детали од изградбата.
 
Градоначалникот Чадиев потенцира дека овој црковен храм е знак по кој се препознава Велес. Воедно, додаде, горд е што во 2009 кога тој бил претседател на Советот беше изгласана одлуката за прогласување на Свети Пантелејмон за заштитник на Велес, а која тој ја потпишал.
 
- Овој светец е многу значаен во историјата на градот и така треба да остане и за следните генерации,потенцира Чадиев.
 
Инаку, за велешани овој храм кој има посебно значење, според пишаните документи во минатото кога во Велес царувала чумата и други болести неговите жители подигнувајќи му го храмот побарале од светецот Пантелејмон да ги заштити од сите зла. Тој тоа и го сторил, а велешани во знак на благодарност светецот Пантелејмон го имаат за свој заштитник.
 
Црквата, пак, е едно од најубавите дела на градителот на цркви од 19 век Андреја Дамјанов, по потекло од велешкото село Папрадиште.
 
Чествувањето на празникот завршува утрово со  Архиерејска Божествена Литургија на која ќе чиноначалствува митрополитот Повардарски Агатангел со бројното свештенство.
 
Митрополитот Агатангел синоќа пред православните верници на Велес најави дека на 30 август во најновиот дел на Велес во месноста викана кај Багремче ќе започне изградбата на нова црква посветена на Св Јован Златоуст.