Македонија
19. July 2015 - 12:59

Вечерва завршува „Пивофест“ во Прилеп

Манифестацијата „Пивофест“ во Прилеп денеска влегува во завршницата и ова е последниот четврти фестивалски ден. Се очекува кулминација на фестивалската забава и на посетеноста, соопштија денеска на прес-конференција организаторите, локалните власти и невладината „Центар за граѓански иницијативи“.

- Вечер ќе биде кулминацијата на годинашниов фестивал. Се очекува да се срушат сите досегашни рекорди на посетеност. За забавата на гостите од земјава и од странство ќе се погрижат Ален Хасановиќ, Гоца Тржан и Дино Мерлин. Ги очекуваме гостите од сите страни, како впрочем и изминатите три фестивалски вечери, рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Според организаторите, вчерашниот фестивалски ден беше за паметење.

- Со големата забава на музичките ѕвезди Наум Петрески, Неда Украден и Оливер Драгоевиќ, градот беше преполн со гости. Имаше околу 100.000 гости и фестивалската вечер помина мирно и без никакви инциденти. Сообраќајот се одвиваше без проблем. Плоштадот и 30-ината штандови со пиво и скара беа претесни да ги примат посетителите, објасни Ристески.

Фестивалот ќе заврши со спектакуларен огномет, а утре организаторите ќе ги сумираат бројките од „Пивофест 2015“ – во изедена скара, испиено пиво и во бројот на посетеноста во сите четири фестивалски дена.