Македонија
19. August 2022 - 16:34

Вечерва се отвора ИФФК „Браќа манаки“

Се е подготвено за свеченото отворање на 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Од денеска Битола почна да живее во духот на филмот, оддавајќи почит кон првите сниматели на Балканот, Браќата Манаки. Црвениот тепих по кој вечерва ќе чекорат филмските работници, но и ѕвезди, сниматели, и сите љубители на филмот.

-Расположението е супер, има адреналин, сите уживаат, работат, на разни пунктови, едни врзуваат, други редат столици, некои монтираат, потоа во Офицерски ги подготвуваат билетите

Вчера во Битола пристигна и оскаровецот Ентони Дод Ментл, добитник на годинешната награда за животно дело.

-Вчера имав шанса да се запознаам со него, не само што е исклучителен кинематографер, туку е и прекрасен човек, не се однесува како ѕвезда, изјави Симеон Мони Дамевски, директор на фестивалот.

Oвогодинешното издание на “Браќа Манаки” е збогатено со 60 филмови, но и познати личности кои ќе одлучуваат за селектираните филмови во долгометражната програма, краткометражните филмови, документарната програма и студентската програма.

-На последните денови ни доаѓа Џон Метисон, снимателот на Гладијатор, Логан, Икс мен, главно ги снима филмоите на Ридли Скот, имам австриска позната актерка, имаме во жирито добитници на многу награди, изјави Дамевски.

Подготвен е и Офицерскиот дом во Битола, локација каде ќе се одржуваат прес конференции кои ќе се одржуваат секојдневно, офф програмата ќе има свој интересен корнер тука, а на платото ќе се прикажуваат филмови од програмата МК АГОЛ.

Исто така ќе биде доделена и наградата од Друштвото на филмски работници, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ која постхумно ќе биде доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија, која традиционално се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Тозија беше често присутен на фестивалот, а во неговата богата професионална биографија ќе останат запаметени двата најголеми успеси: номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“ и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм.

Тозија беше продуцент на повеќе домашни и странски филмови: „Ослободувањето на Скопје“ (2016) „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Пред дождот, Undercover (1991), Sidney Sheldon’s Memories of Midnight (1991), The Forgotten (1989), A time of destiny (1988). Во својата кариера работеше на повеќе од 50 филмски и ТВ-проекти, а во периодот од 2017 до 2020 година беше на чело на Агенцијата за филм под чие водство македонскиот филм го доживеа најголемиот успех до сега.