Бизнис
8. јуни 2021 - 16:33

Ваучер за одмор само во семејствата со еден вработен

Ваучери за туризам ќе има само за семејствата со еден вработен. Според најавите, оваа мерка треба да обезбеди одмор за лицата со ниски приходи, но критериумите не дозволуваат да аплицираат семејства со двајца вработени кои работат за минималец.

Во јавниот повик пишува дека право на учество имаат сите вработени физички лица, чии редовни месечни примања во семејството во последните три месеци не надминуваат 30.000 денари.

Со последното усогласување на платите, од месец април минималната плата изнесува 15.194 денари. Според тоа, доколку во семејството има двајца вработени на минималец, тие го надминуваат прагот од 30.000 денари и не може да аплицираат за ваучер за туризам.

Јавниот повик веќе е објавен, а за да се аплицира освен барањето, потребно е да се обезбедат десетина документи, како извод од банка, потврда од работодавачот или од АВРМ, изводи од матичните книги за барателот и членовите на потесното семејство, како и изјава за вистинитоста на податоците заверена на нотар.

Ваучери во износ од 200 евра ќе има за 1.250 апликанти, а ќе се делат по принципот “прв дојден-прв услужен”. Рокот за аплицирање е до 30 јуни, а ќе може да се искористат за домашен туризам најдоцна до крајот на ноемрви.