Свет
16. May 2017 - 13:38

„Вашингтон Пост“: Белата куќа демантира работи кои весникот не ги тврди

Американскиот весник „Вашингтон Пост“ соопшти дека Белата куќа демантира работи околу безбедносните пропусти на претседателот на САД, Донад Трамп во текот на неговите разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, што весникот не ги тврди во својот напис.

Во изјавата објавена на интернет страницата на весникот, се вели дека советникот за национална безбедност Х.Р. Мекмастер во демантот на написот зборува за работи кои не треба да се демантираат.

Според новинарот на весникот Грег Џафи, претседателот Трамп не открил извори и методи и тоа не е содржината, ниту е цел на објавениот напис.

- Нашата сторија вели дека природата на информациите што биле обелоденети може да им овозможи на Русите да ја изменат својата поставеност и организација, за да ги откријат изворите (на информациите) и методите. Тој (Трамп) рекол толку многу работи што тие (Русите) ќе откријат и ќе сфатат за што станува збор, изјави Џафи за Си-Ен-Ен.

„Вашингтон Пост“ објави за пропустите на Трамп во разговорот со Лавров одражан само еден ден по сменувањето на директорот на ФБИ Џејмс Коми, во екот на истрагата за руското мешање во изборите во САД.

Според овој весник, кој за тоа се повикува на анонимен извор, претседателот на САД на својот гостин му открил „строго доверливи информации“ поврзани со заговорот на џихадистите од Исламска држава (ИД) околу користењето на лаптоп компјутери во кабините на патничките авиони и градовите каде заканата била забележана.

Податоците околу кои сега се спори биле добиени од една земја сојузник на САД и Американците ги оцениле како толку многу чувствителни, што одлучиле да не ги споделат со другите свои сојузници.

На ваквите обвинувања од весникот реагираа прво советникот за национална безбедност Мекмастер, кој тврди дека со Лавров не се разговарало за разузнавачки извори и методи, а потоа и државнот секретар Рекс Тилерсон.

Весникот меѓутоа останува на тврдењето дека претседателот открил „детали кои можат да водат до откривање на изворот на информаците“.

Покрај „Вашингтон Пост“, за пропустите на Трамп пишува и „Њујорк Тајмс“. Откритијата на весниците предизвикаа силна реакција во американската политичка јавност, иако претседателот има право да декласифицира доверливи информации, па затоа во случајот со Лавров тој не направил ништо незаконски.

Медиумите во САД, овој инцидент го поврзуваат со предизборната кампања од минатата година, кога Трамп редовно ја напаѓаше Хилари Клинтон за користењето на нејзниниот приватен сервер за испраќање службени мејлови кога била државен секретар на САД, обвинувајќи ја дека ја загрозила безбедноста на земјата за што, според него, би требало и кривично да одговара.